Алина Безкровна живее во станбениот комплекс „Град на цвеќињата“ во Киев, Украина. Таа вели дека е удобно, освен кога се случуваат огромни прекини на струја.
„Живеам на 12. кат. Лифтовите не работат. Исто така е невозможно да се подготви храна. Шпоретот е електричен“, вели Безкровна.
Рекордната топлина и постојаното руско гранатирање на енергетската инфраструктура го направија јули исклучително тежок за Украинците.
Секојдневно се случуваат прекини на струја. Но, многумина овде стравуваат дека најлошото ќе дојде в зима.
„Се подготвуваме за многу тешка зима. Руските напади речиси ги уништија нашите енергетски управувачки способности. Значи, во зима може да нема струја од 16 до 18 часа на ден“, објаснува Максим Петренко од Здружението на станари во Киев.
За повеќекатните станбени згради тоа значи целосна катастрофа. Пумпите кои испорачуваат вода и топлина зависат од електрична енергија.
„Жителите на нашата зграда купија генератори и батерии. Овие батерии ќе ни обезбедат четири часа работа без струја“, додава Безкровна.
Како и во многу градови ширум светот кои се ориентираат кон обновливите извори на енергија, Киев ги поддржува жителите кои сакаат да ги направат своите домови повеќе енергетски независни.
„Во Киев, постои програма што ја нарекуваме 70 за 30. Придонесот на жителите е 30% од вкупните трошоци на проектот. А градот дава уште 70 отсто“, додава Петренко.
Станислав Донцов, одговорен за друга зграда во Киев, учествуваше во оваа програма и доби финансии за соларни панели поставени на покривот на зградата.
„Ова е втора фаза од нашата соларна централа. Триесет и шест панели. Ќе ни помогне да заштедиме за сметките за струја. Исто така, имаме алтернативен извор за напојување на пумпи за вода, осветлување на подрумот и видеонадзор“, вели Донцов.
Првиот дел од соларната централа жителите го купија и поставија минатата година. Така и без струја имаат и топлина, вода и интернет.
„Во моментов има снабдување од 2,8 киловати. А сонцето дава 2,6. Разликата од 320 вати ја земаме од нашите батерии. Значи, сега сме независни и не преземаме ништо од општата мрежа“, додава Донцов.
Во Киев има околу 18 илјади станбени згради. Само 400 ги прават зимските подготовки, но Петренко вели дека бројката расте.