Украина ги негира наводите за вмешаност во нападот врз гасоводот „Северен тек“

Your browser doesn’t support HTML5

Украинци реагираат со скептицизам на најновите тврдења дека Украина може да е поврзана со нападите на гасоводите „Северен тек“ во 2022 година. Обвинувањата, исто така, предизвикуваат загриженост за односите на Украина со западните сојузници. Известува Ана Черникова. .

Саботажата на гасоводите „Северен тек“ во септември 2022 година поттикна надеж кај многу Украинци дека нападот ќе наштети на воените напори на Русија. Гасоводот носеше природен гас под Балтичкото Море од Русија до Западна Европа.

Тој беше уништен во серија подводни експлозии. Никој не ја презеде одговорност за експлозиите.

Јевгенија е жителка на Киев. Таа вели дека нападите ја принудиле Европа да најде извори на енергија различни од Русија.

„Можеби тоа беше најдобро за нас. Затоа што ги поттикна нашите партнери да се движат кон независност од Русија во однос на снабдувањето со гас“, посочува Јевгенија.

На почетокот на август, полските обвинители потврдија дека Германија издала налог за апсење на украински државјанин кој живее во Полска, во врска со експлозиите на „Северен тек“.

Полските обвинители соопштија дека осомничениот, нуркач познат како „Володимир З“, веќе ја напуштил земјата.

Исто така овој месец, „Вол Стрит Џурнал“објави дека Украина стои зад нападот, тврдење кое Киев постојано го негира.

Жителот на Киев, Сергиј, изрази загриженост дека тврдењата може да влијаат на односите на Украина со западните сојузници.

„Секако, неопходно е нормално да се градат односите со партнерите, имајќи предвид дека сега сме доста зависни од нив. Затоа, не би брзал да извлечам заклучоци врз основа на ограничени информации што можевме да ги прочитаме“, посочува Серхиј.

Меѓународниот аналитичар за енергија и безбедност во Киев Михаило Хончар, вели дека не очекува голема промена во односите со Западот.

„Како што можеме да видиме, ова несомнено ги комплицира односите, но на овој или на оној начин, помошта за Украина не престана и ова не е одлучувачкиот фактор“, вели Хончар и додава дека многу Украинци се сомневаат во наводите.
Постои претежно скептицизам, бидејќи таква сложена специјална операција не може да изведе група нуркачи аматери.

Русија и Западот меѓусебно се обвинуваат за нападите.

Откако Германија го издаде налогот за апсење на украинскиот државјанин, портпаролот на германската влада рече дека истрагата нема никаква врска со германската поддршка за Украина, ниту пак го менува „фактот дека Русија води нелегална агресивна војна против Украина“.