Претседателот на САД Доналд Трамп потпиша извршна наредба за контрола и ограничување на социјалните медиуми.
Претседателот рече дека целта е да го заштити и одржи правото на слободен говор на американските граѓани.
„Социјалните медиуми сега имаат заштита. Таа заштита нема да ја имаат“, рече Трамп, објаснувајќи ја неговата извршна наредба во Овалната соба.
Наредбата се однесува на секција 230 од револуционерен закон од 1996 година, кој во голема мера ги иззема онлајн компаниите од правна одговорност за содржината која ја објавуваат корисниците.
Со оваа наредба, Канцеларијата за дигитална стратегија на Белата куќа, треба двојно да ги зголеми напорите за прием на жабите за цензура на социјалните медиуми, и да ги испрати во Одделот за правда.
Трамп рече дека компаниите за социјални медиуми имаат монопол, и оти станале повлијателни од весниците и телевизиите.
„Не смееме да дозволиме ова да продолжи да се случува“, рече Трамп.
Главниот правобранител Вилијам Бар, на потпишувањето на извршната наредба во Овалната соба, рече дека администрацијата подготвува легислативни предлози за социјалните медиуми, и оти ќе може да се покренуваат тужби против нив.
Ваквата наредба уследи откако на почетокот на неделава, Твитер го опомена Трамп за проверка на фактите за две објави на неговиот Твитер профил.
Твитер излезе со изјава, во која се вели дека „извршната наредба има ограничувачки и исполитизиран пристап кон критичен закон“, додавајќи дека ваквиот обид претставува закана за иднината на слободата на интернетот.