Турската власт гледа можности за Турција со новата американска администрација

Your browser doesn’t support HTML5

Турската власт гледа можности за Турција со новата американска администрација. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган понекогаш е во конфликт со западните лидери, но не крие дека убаво се согласувал со  Доналд Трамп за време на првиот мандат на американскиот лидер. Известува Доријан Џонс.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп имаше топли односи со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на првиот мандат на американскиот лидер. Сега, со враќањето на Трамп на власт, набљудувачите велат дека турскиот лидер гледа можност.

„Двајца харизматични лидери ќе отворат нови патишта, нови прозорци, не само во Турција, туку и во НАТО, особено со Русија. И според мене, ако вака оди позитивно, Турција, а исто така и [САД] може да ја запрат војната во Русија и Украина“, вели Месут Касин, советник на турскиот претседател.

Ердоган сака да игра улога во завршувањето на таа војна, имајќи ги предвид неговите блиски врски со украинскиот претседател Володимир Зеленски и, поконтроверзно, со Владимир Путин - однос што наиде на критики од партнерите на Турција во НАТО.

Трамп даде предизборно ветување за брзо завршување на војната во Украина. Аналитичарите велат дека таа цел може да се усогласи со целите на Ердоган да го запре конфликтот и да биде сметан за важен посредник.

„Трамп ќе се залага за преговори во руско-украинската војна. И мислам дека тоа е нешто што Турција отсекогаш го претпочитала. И навистина, претседателот Ердоган сака да игра улога во тоа, клучна улога, да биде домаќин на можни преговори, но повеќе од тоа, да игра некаква улога што ќе го овозможи тоа“, смета Асил Ајдинташбаш од институтот Брукингс.

Клучен приоритет за Ердоган, велат аналитичарите, ќе биде Трамп како претседател да стави крај на американската воена поддршка на сириските курдски сили познати како ЈПГ, кои се борат против терористичката група Исламска држава во Сирија.

Анкара ја обвинува групата за врски со курдската милитантна група ПКК, која се бори против турската влада во југоисточна Турција.

„Ердоган мисли дека како него самиот, и Трамп е прагматичен лидер, што може да ги остави настрана принципите и слични работи, што ќе им овозможи на двете страни да се договорат со тоа што ќе земат и ќе дадат нешто за да имаат корист двајцата“, посочува Ајдин Селчен, аналитичарка за меѓународна политика.

Но, набљудувачите велат дека израелската војна против Хамас и Хезболах претставува закана за односите на Ердоган со Трамп. Трамп е цврст поддржувач на Израел, додека Ердоган ги поддржува Палестинците.

„Иако Трамп зборуваше позитивно за Ердоган, можете ли да сметате на негова поддршка? На пример, што ќе се случи ако има ескалација на Блискиот Исток? Со поларизацијата на Израел и Турција, што е сега случај, и со однесувањето наТрамп, многу е јасно дека администрацијата на Трамп ќе биде закана за Турција“, смета Мурат Аслан, од Фондацијата СЕТА.

Аналитичарите велат дека Ердоган гледа можност во второто претседателство на Трамп, но истите аналитичари велат дека сложеноста што е инволвирана значи дека таа можност не доаѓа без ризици.