Примирјето не се почитува во Сирија

И покрај договорениот прекин на огнот, борбите во североисточна Сирија продолжија и во петок.

Експлозии и истрели се слушале и чад можел да се види над градот Цејланпинар, еден ден по склучувањето на договорот меѓу САД и Турција за прекин на турската офанзива против курдските борци кои Турција ги смета за терористи.

Според договорот курдските борци треба да го напуштат делот на Сирија и да се повлечат од турската граница. Договорот ја засилува турската позиција во конфликтот.

Турските трупи и сириските борци поддржани од Турција започнаа офанзива против курдските сили во северна Сирија пред една недела откако американскиот претседател неочекувано соопшти повлекување на трупите од областа.