Турција сака да ги врати во Сирија милионите бегалци од сириската граѓанска војна

Your browser doesn’t support HTML5

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака Русија да биде дел од преговорите со Сирија за враќање на милиони бегалци. Повикот на Ердоган следи по бранот протести и немири на Турците кои сакаат нивната влада да престане да ги прима бегалците. Известува Доријан Џонс.

Немирите против сириските бегалци низ неколку турски градови го поттикнаа повикот на претседателот Реџеп Таип Ердоган за дијалог со неговиот сириски колега Башар ал Асад.

Ердоган сака да разговара за начин за враќање на сириските бегалци кои Турција ги прими од почетокот на сирискиот конфликт во 2011 година.

„Во ова опкружување, Сиријците стануваат лесна мета, а на државата и е доста од нивното присуство, со право или не. И ова е многу силно политичко прашање. Затоа, многу е важно барем привидот на уредно заминување за Сиријците кои се во Турција да може да и се прикаже на државата на веродостоен начин”, вели Соли Озел од Универзитетот „Кадир Хас“.

Растечкото непријателство кон повеќе од три милиони сириски бегалци во Турција, заедно со речиси троцифрената инфлација, беа клучни фактори зад загубите што партијата на Ердоган ги претрпе на изборите во март.

Аналитичарите велат дека рускиот лидер Владимир Путин ги поздравува напорите на Ердоган да го отвори дијалогот со Сирија, бидејќи тоа може да претставува губење на турската поддршка за сириските бунтовници и крај на граѓанската војна.

Ова би било поволно за рускиот лидер бидејќи сака да ги префрли своите воени ресурси од Сирија во Украина.

„Тоа се Русите. Москва е таа која сака да постигне дијалог меѓу Дамаск и Анкара, бидејќи во моментов Москва е зафатена со Украина”, вели Фабрис Баланш од Универзитетот во Лион.

Но, значителното воено присуство на Турција во Сирија може да биде камен на сопнување за разговорите. Турските сили се распоредени да се борат против курдските сили кои Анкара ги обвинува дека се поврзани со сепаратистите во Турција.

Аналитичарите велат дека Дамаск најверојатно ќе изврши притисок за повлекување на турските сили од Сирија како цена за разговорите.

„Башар Ал Асад е зависен од Русите и Иранците, како и од локалните воени лидери, па дури и во неговиот близок круг треба да зависи од други партнери. Бидејќи Башар Ал Асад не може да го турка турското воено присуство од Сирија, тој може само да побара од Анкара да ги повлече овие трупи и потоа да започне да разговара со Анкара”, вели Ајдин Селџен, Аналитичар за надворешна политика.

Ердоган ја отфрла можноста за повлекување на турските сили од Сирија, велејќи дека тоа е прашање на национална безбедност.

Во Турција избувнаа немири во областите под контрола на бунтовниците во североисточна Сирија поради стравувањата дека Анкара можеби се подготвува да ги напушти бунтовниците.

Исто така, постои загриженост дека турското повлекување може да донесе хуманитарна катастрофа и одмазда од силите на Асад.

„Ако режимот се врати во оваа област, повеќето од луѓето ќе сакаат да се преселат во Турција, а за Турција не е можно да се пречекаат четири милиони нови бегалци, бидејќи овие луѓе многу добро знаат дека остануваат под контрола на режимот”, додава Баланш.

Со високи тензии во Турција околу присуството на сириски бегалци, Ердоган гледа на Путин да го омекне ставот на Асад за разговорите, што би можело да се случи во наредните недели.