Белата куќа ги отфрли наводите за поврзаност на претседателот Трамп со белиот национализам

Белата куќа ги отфрли обидите за поврзување на претседателот Доналд Трамп со белиот национализам, политичка идеологија која се залага за надмоќ на белата раса и со напаѓачот во Нов Зеланд кој уби 50 лица во две џамии во Нов Зеланд.

„Претседателот не го подржува белиот национализам“ рече шефот на кабинет на Белата куќа, Мик Мулвани за Фокс њуз. „Не знам колку пати мораме да го повториме тоа, да го прифатиме она што се случи во Нов Зеланд како што е: ужасна трагедија.“

Во манифестот од 74 страници што го објави наводниот напаѓач, 28 годишниот австралиски државјанин Брентон Харис Тарант стои дека тој на претседателот Трампгледа како на „симбол на обновениот бел идентитет и на заедничката цел“ но дека тој не ги поддржува неговите политики.

Ова ги обнови критиките за претседателот Трамп, дека тој не искажал силна осуда кон белите националисти.

По нападот во џамијата во Нов Зеланд, тој беше запрашан за порастот на белиот национализам, на што претседателот одговори: „Мислам не. Мислам дека тоа е мала група на луѓе за кои претпоставувам дека имаат многу сериозни проблеми.“ Тој рече дека не го видел манифестот на напаѓачот.

Мулвани за Фокс њуз ист така кажа дека: „Не е фер да се етикетира оваа личност како поддржувач на Доналд Трамп повеќе отколку што текстот од неговиот манифест е усогласен со ставовите на спикерката на претставничкиот дом Ненси Пелоси или демократска конгресменка Александрија Окасио-Кортез. „Станува збор за нестабилна личност, злобна личност“, рече тој.

Американскиот амбасадор во Нов Зеланд, Скот Браун, за Си-Ен-Ен изјави дека во коментарите на Тарант за претседателот Трамп тој не гледа никаква веродостојност, додавајќи дека напаѓачот е проблематична личност. Браун рече дека се надева дека Тарант ќе биде осуден брзо.

Претседателот Трамп беше обвинет за реакцијата по нападот на белите националисти во Шарлотсвил, Вирџинија во 2017-та година кога тој ги изедначи напаѓачите со контра-демонстрантите велејќи дека „вината“ за инцидентот е на двете страни, и дека во двата табора имало „добри луѓе.“

Сенаторката Кирстен Гилибранд која сака да ја добие демократската номинација со цел да му се спротивстави на претседателот Трамп на изборите во 2020-та по нападот во Нов Зеланд на Твитер напиша: „Претседателот повторно ги прифаќа и охрабрува белите националисти и наместо да ги осуди за расизам и тероризам, тој ги штити. Ова не е нормално ниту прифатливо.“