Трамп домаќин на претседателот на Египет

Во фокусот на разговорите била борбата против милитантите на Исламската држава, како и американската воена и економска помош за Египет

Претседателот Доналд Трамп во Белата куќа беше домаќин на неговиот египетски колега Абдел Фата Ел-Сиси. Тој истакна дека САД „во голем дел стојат зад Египет“. Ова е прва официјална посета на Ел-Сиси на Вашингтон.

Во фокусот на разговорите била борбата против милитантите на Исламската држава, како и американската воена и економска помош за Египет.

Поранешниот претседател Барак Обама ја замрзна помошта за Каиро откако египетската армија предводена од тогашниот генерал Сиси во 2013-та го симна од власт првиот демократски избран претседател Мохамед Морси. Сиси беше избран на функцијата една година подоцна.

Средбата во Белата куќа се следи со големо внимание во Каиро, особено намерите на Трамп спрема Египет и муслиманскиот свет пошироко, по забраната за патувања за лица од главно муслимански земји.

Сиси е првиот од тројцата шефови на држави кои неделава ќе има средби со Трамп. Во среда во Вашингтон ќе допатува јорданскиот крал Абдула, а наредниот викенд во Флорида, Трамп ќе се сретне со кинескиот претседател Ши Џингпинг.