Американскиот претседател Доналд Трамп, се состана со семејствата на жртвите и преживеаните во неодамнешниот напад во средното училиште Санта Фе во Тексас.
На новинарите не им беше дозволен пристап на состанокот кој се одржа во база на крајбрежната стража во близина на Хјустон, но веќе се појавија некои детали од настанот.
Синот на Памела Станиќ, 17-годишниот Џаред Блек, беше убиен во овој напад. Таа на Фејсбук напиша дека Трамп „покажал искреност, сочувство и загриженост, со цел, американските училишта да се направат побезбедни“.
„Тој разговараше со преживеаните за она што се случило и што може да се промени. Промените доаѓаат. Ви благодарам господине Трамп“.
Ронда Харт во нападот ја изгубила својата 14-годишна ќерка, Кимберли Вон. Таа за Асошиетед прес изјави дека му предложила на претседателот, ветерани да работат како чувари во училиштата. Харт рече дека неговиот одговор бил: „И да бидат вооружени?“ Харт не се согласила, но тој продолжил да го истакнува ставот дека наставниците треба да бидат вооружени. „Тоа беше како да разговарате со дете“, изјави Харт.
Секретарката за образование Бетси ДеВос, објави дека училиштето во Санта Фе добило грант од еден милион долари, кои треба да бидат искористени во напорите за опоравување по пукањето.
Во нападот на 18-ти мај, беа убиени осум ученици и двајца професори.
Осомничениот напаѓач беше идентификуван како 17-годишен Димитриос Пагуртицис, кој се соочува со обвинението убиство со умисла.
По состанокот, Трамп замина за Далас за да присуствува на настан за собирање средства за кампањите на неколку републикански политичари, исто како и за кампањата за негов реизбор на функцијата.