Картер Пејџ, советникот на Доналд Трамп за време на претседателската кампања, во интервју за ТВ-мрежата Си-Ен-Ен, порекна дека соработувал со Русите.
Според Вашингтон пост, Федералното истражно биро (ФБИ) минатата година обезбедило тајна судска наредба да врши мониторинг на Пејџ.
Цитирајќи неименувани извори од разузнавачките агенции и други американски претставници, весникот вели дека ФБИ и Одделот за правда го добиле овој налог, откако убедиле судија дека „постои можност Пејџ да работи како агент за странска сила, во случајов, за Русија“.
Кампањата на Трамп го вработи Картер Пејџ како советник за надворешна политика во март 2016-та година. Тој е поранешен инвестиционен банкар, кој го фалеше рускиот претседател Владимир Путин и ги критикуваше санкциите на САД против Русија.