Сенатската комисија за разузнавање откри руско мешање во изборите во САД

Ова е заклучок на Комисијата, по 14 месеци аналитичка работа на членовите и проверка на изворите

Претседавачот со Сенатската комисија за разузнавање Ричард Бур изјави дека истрагата покажува оти Русија се вмешала во претседателските избори во САД во 2016-та година, за да му помогне на Трамп да победи.

Бур изјави дека ова е заклучок на Комисијата, по 14 месеци аналитичка работа на членовите и проверка на изворите.

Ваквата најава доаѓа часови откако Сенатската комисија за правосудство објави повеќе од 2.500 страници од транскриптите поврзани со предизборни состаноци на претставници на Трамп, вклучувајќи го состанокот на неговиот син Доналд Трамп Јуниор со група Руси, која ветила штетни информации за тогашната демократска претседателска кандидатка Хилари Клинтон.

Овој состанок е предмет на истрага на специјалниот советник Роберт Мулер, кој истражува дали кампањата на Трамп соработувала со Русија, со цел да обезбеди победа на изборите, како и дали Трамп ја попречил правдата.