Коен се враќа на Капитол хил

Поранешниот личен адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Коен се враќа во Конгресот да сведочи пред Комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом.

Тој е само еден од сведоците кои беа поканети од страна на демократите кои започнаа нови истраги за администрацијата на Трамп.

Коен минатата недела пред комисите за разузнавање на Претставничкиот дом и Сенатот сведочеше зад затворени врати. Тој јавно сведочеше пред Комисијата за надзор каде кажа дека Трамп му наредил да плати поткуп на две жени и дека претседателот лажел за своите бизнис интереси во Русија.

Раководителите на комисиите за разузнавање, надворешни работи и надзор доставија заедничко барање до Белата куќа да достави документи за комуникациите на Трамп со претседателот на Русија, Владимир Путин. Тие искажаа загриженост во врска со наводите дека Трамп сакал да скрие детали за тие врски.

Одделно, Комисијата за правосудство во Претставничкиот дом побара документи од 81 лице како дел од она што претседавачот Џеролд Надлер го нарече „истрага за наводната корупција, опструкција и други злоупотреби на власта“ од страна на претседателот.

Информациите собрани од Комисијата за правосудство, заедно со оние од извештајот на специјалниот советник Роберт Мулер за врските на кампањата на Трамп со Русија може да бидат основа за импичмент на Трамп.

Трамп ги одби истрагите како неосновани.