Претседателот на САД Доналд Трамп и републиканецот Мит Ромни, кој во 2012 година ги изгуби претседателските избори, влегоа во вербална пресметка, токму кога Ромни станува дел на Сенатот на американскиот Конгрес.
Во колумна во Вашингтон пост, Ромни рече дека Трамп „не го подигнал нивото на канцеларијата“ во текот на првите две години од неговиот претседателски мандат.
„Во голема мера, претседателствувањето го обликува јавниот карактер на нацијата“, напиша Ромни. „Претседателот треба да не обединува и инспирира да ги следиме „нашите добри ангели“. Претседателот треба да покаже суштински квалитети на чесност и интегритет, и да го подигне националниот дијалог со учтивост и меѓусебно почитување. Како нација, бевме благословени со претседатели кои се повикуваа на големината на американскиот дух. Со нација, која што е толку поделена, огорчена и гневна, претседателското лидерство е неопходно.“
„И тоа е во оваа провинција каде недостатокот на актуелниот претседател е најочигледен“, заклучи Ромни.
Трамп, кој никогаш не ги игнорира критиките против него, возврати неколку часа по објавувањето на колумната.
„Еве не со Мит Ромни, но брзо! Прашањето ќе биде: дали тој е Флејк? Се надевам дека не е“, напиша Трамп на Твитер, мислејќи на уште еден долгогодишен републикански критичар, сенаторот од Аризона Џеф Флејк, кој одби да бара реизбор минатата година.
„Подобро е Мит да се фокусира на граничната безбедност и на многу други работи каде што би можел да биде корисен,“ напиша Трамп на Твитер. „Јас освоив голема победа, а тој не. Но, тој треба да биде среќен за сите републиканци. Биди тимски играч и победи!“
https://twitter.com/realDonaldTrump/status/1080447092882112512
Тоа што Ромни го нападна Трамп наиде на прекор од страна на претседателката на Републиканскиот национален комитет, Рона Ромни Мек Даниел, внука на новиот сенатор.
Таа рече дека Трамп секојдневно е „нападнат и опструиран“ од медиумите и демократите. „Првиот потег на еден нов сенатор да биде напад на @realdonaldtrump е нешто што го сакаат демократите и медиумите. Тоа е разочарувачки и непродуктивно.“
Во последните неколку години односите меѓу Ромни и Трамп се исполнети со љубов и омраза.
Ромни за Трамп рече дека е „лажен“ за време на претседателската кампања во 2016 година, иако Трамп подоцна размислуваше за номинирање на гувернерот на Масачусетс за државен секретар, кога ја обликуваше новата влада.
Трамп го заобиколи Ромни, кој ги загуби претседателските избори во 2012 година како противник на поранешниот претседател Барак Обама, но минатата година ја поддржа неговата кандидатура во Сенатот во западната држава Јута.
Во колумната, Ромни, кој лесно победи на изборите, рече дека како сенатор „ќе дејствувам како што би правел со секој претседател, во или надвор од мојата партија. Ќе ги поддржувам политиките за кои верувам дека се во најдобар интерес на земјата и на мојата држава и ќе се противам на оние кои не се. Јас немам намера да коментирам за секоја порака на Твитер или грешка, но ќе зборувам против значајни изјави или дела кои внесуваат поделеби, се расистички, сексистички, анти-имигрантски, нечесни или деструктивни за демократските институции.“