Трамп во Порторико - на брифинг за напорите за обнова

„Во Тексас и Флорида завршивме одлична работа и можам да кажам дека истото се случува и во Порторико, а овде ситуацијата е уште потешка“, истакна претседателот на САД, Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Порторико, за да изврши увид на напорите за обнова на островот зафатен од ураганот Марија.

„Во Тексас и Флорида завршивме одлична работа, и можам да кажам дека истото се случува и во Порторико, а овде ситуацијата е уште потешка“, изјави американскиот претседател пред заминувањето за Сан Хуан.

Тој подвлече дека треба уште многу да се стори, повикувајќи ги локалните власти да вложат дополнителни напори за достава на помошта во изолираните области.

Трамп воедно подвлече дека спасувачките екипи кои помагале веднаш по ударот, армијата и Агенцијата за справување со вонредни ситуации – ФИМА (FEMA), придонеле многу во олеснување на ситуацијата и згрижување на жителите.

Претседателот ќе се сретне и со гувернерот на Порторико Рикардо Росело, со воен персонал и некои од жртвите на ураганот. Трамп воедно ќе разговара и со гувернерот на американските Девствени острови, Кенет Мап, кои исто така беа погодени од ураганот Марија.

Гувернерот Росело претходно кажа дека преку 720 од 1.100-те бензиски пумпи во Сан Хуан сега се функционални и дека наредниве денови се очекуваат дополнителни залихи на гориво.

Тој додаде дека се вложуваат максимални напори за одржување непречена работа на 50 од вкупно 69 болници на островот, и дека болницата на брод на американската морнарица треба да пристигне денеска или најдоцна утре.

Росело во основа го пофали одговорот на актуелната администрација, и покрај критиката на градоначалничката Кармен Круз и бројни граѓани, кои рекоа дека темпото за обезбедување помош било бавно, со што во опасност биле изложени животите на илјадници жртви на невремето.

Трамп и `возврати на Круз, велејќи дека демократите се тие кои и` кажале да биде „груба со него“.

Круз, чиј дом бил уништен во невремето, со семејството во моментов живее во засолниште.

„Има само една цел, а тоа да се спасат животи“, изјави Круз за ТВ-мрежата Еј-Би-Си (АBC). „Кој и да било дијалог, мора да даде резултати. Се` што сторив оваа и минатата недела, побарав помош“.

Претседателот Трамп од Порторико, утре ќе замине за Лас Вегас, на средби со надлежните околу истрагата за неделниот напад, при што беа убиени најмалку 59 лица, а преку 500 се повредени.