За 45-тиот претседател на Америка, беше храбар почеток.
„Од овој ден, натаму, ќе биде само прво Америка, прво Америка!“, е познатата изјава на претседателот.
Трамп брзо се пресели на намалување на регулативите од времето на Обама и го пополни испразнетото место во Врховниот суд.
Неговата најголема победа – мерката за големи даночни реформи во декември минатата година, 11 месеци од претседателствувањето.
„Многу сме горди на законот, ова е огромна работа за американскиот народ и ќе биде фантастично за економијата“, рече Трамп.
„Неговото донесување, би можело да им помогне на републиканците на овогодишните конгресни избори“, вели аналитичарот Џон Фортиер.
Првата година на Трамп имаше и низа неуспеси.
Имаше неуспешен обид да се укине Законот за реформи во здравството, познат како Обамакеар, бројни „изливи“ на Твитер и понекогаш и потпалувачка реторика, вклучувајќи го и неговиот неодамнешен вулгарен опис за Хаити и африканските земји.
Тоа предизвика бес од демократите, вклучувајќи го и сенаторот Кори Букер.
„Овие зборови не се расфрлаат како магла во воздухот. Тие нервираат, стануваат отров, и даваат дозвола за непријателство и омраза во нашата земја“, истакна тој.
Контроверзниот и понекогаш поларизирачки стил на лидерство на Трамп, продолжува негативно да влијае на рејтинзите, и покрај силната економија, вели аналитичарот Џон Хјудак.
„Мислам дека луѓето го просудуваат од различни фактори, освен економијата, а тоа го објаснува понискиот рејтинг“, изјави овој експерт.
Еден од најниските рејтинзи на работата на претседателот на САД во историјата, можно е да значи придобивки за демократите на конгресните избори во ноември, вели аналитичарот Лари Сабато.
Но, за годинава, претседателот Трамп се надева дека силната економија ќе ги подобри бројките на анкетите.
Во меѓувреме, изгледите за изборни загуби наесен и истрагата за Русија, чиј крај не е на повидок, би можеле да придонесат втората година на функцијата, да има уште поголеми предизвици, споредено со претходната.
Џим Мелоун - Глас на Америка