Трамп размислува да дозволи ископување нафта во резерватот за диви животни во Алјаска

Ројтерс објави дека Трамп во телефонско интервју за „Фокс њуз“ кажал оти ќе го разгледа тоа

Претседателот на САД Доналд Трамп рече дека неговата администрација размислувала дали да дозволи ископување на нафта во Арктичкиот национален резерват за диви животни во Алјаска, објави Ројтерс.

Ова е земјиште кое зафаќа 7,7 милиони хектари површина, и со децении е забрането да се користи за експлоатација.

„Ќе го разгледаме тоа“, изјави Трамп во телефонско интервју за „Фокс њуз“, откако беше прашан да го искоментира извештајот во „Вол стрит џурнал“ за наводните планови на неговата администрација да одобри програма за ископување во резерватот.

Според медиумските извештаи, би било тешко да се промени ваквата одлука, дури и кога претседателот би ги изгубил изборите на трети ноември.

И „Вашингтон пост“ објави дека администрацијата ги финализирала плановите за отворање на резерватот за ископување нафта.

Активистите за животна средина и домородното население, се бореа против легислативата од 2017 година, со која се дозволува резерватот да биде отворен за експлоатација на нафта и гас.