Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува за првата средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откако ја презеде функцијата.
Аналитичарите велат дека израелскиот лидер се надева да обезбеди заедничка основа за политиката кон Иран и по регионални прашања.
Нетанјаху ќе биде четвртиот странски лидер кој се сретнал со Трамп во Белата куќа, по британската премиерка Тереза Меј, јапонскиот премиер Шинзо Абе и канадскиот премиер Џастин Трудо.
Аналитичарите за Блискиот исток велат дека Трамп и Нетанјаху сакаат да започнат со серија настани кои можат да го блокираат Иран, да се ре-дефинираат израелските односи со Арапскиот свет и да се постигне траен мир на Блискиот исток.
Виш израелски министер кажа дека Нетанјаху повеќе не` ја поддржува идејата за палестинска држава, но не` потврди дали премиерот јавно ќе го искаже својот став за време на разговорите со Трамп.
Нетанјаху пред да замине за САД одби да ја образложи позицијата за постоење „две одделни држави“.
„Палестинците ќе го следат ова одблизу, и ќе бараат да видат било какво навестување, дали има значајна промена на курсот на американската политика,“ вели пензионираниот амбасадор Ричард Лебарон, заменик-шеф на дипломатската мисија во американската амбасада во Тел Авив од 2001-та до 2004-та.
Две прашања
Дејвид Маковски, од Институтот за политика на Блискиот исток со седиште во Вашингтон, вели дека најверојатно фокус на разговорите ќе бидат две клучни прашања: Како да се` соработува со арапските држави и како да се ограничи иранското влијание во регионот.
Трамп и Нетанјаху се силни критичари на договорот за иранската нуклеарна програма, кој беше поддржан од администрацијата на Барак Обама.
Но, многумина гледаат еволуција на ставовите на администрацијата на Трамп, од укинување на договорот до негово построго спроведување, особено по неодамнешното тестирање балистички проектил од страна на Иран.
Претседателот Трамп изрази заложби кои отскокнуваат од долгогодишната американска политика кон израелско - палестинскиот конфликт. Тој упати повик за префрлање на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.