Трамп потпиша извршна наредба за истрага на случаи на исчезнати или убиени американски Индијанци

Националниот институт за правда проценува дека повеќе од 1,5 милиони американски индијанки и домородни жени од Алјаска доживеале насилство во текот на животот

Соединетите американски држави преземаат мерки со цел да се подобри јавната безбедност во племенските заедници кои се соочуваат со нерешени случаи на исчезнати или убиени американски Индијанци и домородци на Алјаска.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторникот потпиша извршна наредба, со која се формира работна група за развој на мерки за истражување на нови и стари случаи, особено оние во кои се вклучени жени и деца, и за подобро споделување на податоците меѓу агенциите надлежни за спроведување на законот.

„Една студија покажа дека 10 пати е поголема веројатноста да биде убиена домородната Американка во одредена племенска заедница во споредба со просечната Американка. Жртвите и нивните семејства заслужуваат акција, а тоа требаше да се случи пред многу години“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.

Националниот институт за правда проценува дека повеќе од 1,5 милиони американски индијанки и домородни жени од Алјаска доживеале насилство во текот на животот, при што во многу случаи станува збор за сексуално насилство и психолошка агресија од интимниот партнер.