16 сојузни држави ја тужат администрацијата на Трамп за вонредната состојба

Тврдат дека декларацијата е нелегална и противуставна

Шеснаесет сојузни држави ја тужат администрацијата на Трамп за декларацијата за вонредна состојба, која има за цел да обезбеди пари за изградба на ѕидот со Мексико.

Главните правобранители, предводени од Калифорнија, вчера ги поднесоа тужбите, тврдејќи дека декларацијата е нелегална и противуставна, и оти им штети на државите и нивните граѓани поради тоа што предвидува да се земат пари од програмите за превенција од дрога, проекти за војската и од други владини агенции.

Тие бараат од судот трајно да и` забрани на администрацијата на Трамп да префрли пари од кое било место од Владата за да гради пограничен ѕид, или да гради ѕид без Конгресот да одобри средства за таа намена.

„Претседателот Трамп го потеценува владеењето на правото“, изјави главниот правобранител на Калифорнија.

Белата куќа се` уште не одговори по поведувањето правни постапки.

Трамп рече дека објавил вонредна состојба бидејќи не бил задоволен од сумата пари што Конгресот ја одобри за гранична безбедност.

„Сакам да го направам побрзо“, рече тој при објавата на вонредната состојба.