Трамп порача дека се` може да се случи со Парискиот договор

По средбата со Макрон, Трамп кажа дека враќање на Договорот за климатски промени е нешто што може да се случи во иднина

Претседателот на САД Доналд Трамп, по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, рече дека „сешто би можело да се случи“ во врска со одлуката на САД за Договорот за климатски промени од Париз.

„Ништо не се случи од средбата“, изјавил Трамп пред новинарите, по разговорот со Макрон, нагласувајќи дека враќање на Парискиот договор за климатски промени е нешто што може да се случи во иднина.

„Ќе видиме што ќе се случи“, додаде Трамп.

Макрон го адресираше несогласувањето меѓу двете страни за ова прашање, но, истака оти ја почитува одлуката на Трамп за повлекување од Парискиот договор.

Трамп пристигна во Франција, каде со францускиот претседател Емануел Макрон разговараше за напорите во борбата против тероризмот. Тој исто така ќе учествува на прославата на Денот на Бастилја и на одбележувањето на 100-та годишнина од приклучувањето на американските трупи во Првата светска војна.

Пред една година, Трамп го опиша Париз како место „без контрола и многу опасно“, заради терористичките напади. Неодамна тој посочи дека нападите на Исламската држава го намалиле статусот на Париз како дестинација од светска класа.

Кога тој ја објави одлуката за повлекување на САД од парискиот Договор за климатските промени, Трамп кажа дека тој е избран да го претставува „Питсбург, а не Париз“. Сепак, тој ја прифати поканата на Макрон да присуствува на годишната прослава која се одржува во средината на јули.

Освен средбата со Макрон, Трамп ќе има ручек и со американски воени претставници и ќе го посети гробот на Наполеон Бонапарта.

Виш американски официјален претставник за новинарите изјави дека Белата куќа очекува ситуацијата во Сирија и американско-француската соработка по прашањата за борбата против тероризмот да доминираат на разговорите, иако можеби ќе се разговара и по прашања од минатонеделниот самит на Г-20 во Германија.

Франција е дел од коалицијата предводена од САД, која спроведува воздушни напади против цели на Исламската држава во Сирија и Ирак

Трамп и Макрон се во првата година на функцијата и покажаа разлики во политиката кога станува збор за меѓународните напори за борба против климатските промени. Но, тие исто така споделуваат заеднички цели, како што се намалување на бројот на вработени во нивните влади.

Вишиот претставник на администрацијата го опиша односот меѓу претседателите како „многу позитивен“.

Во петок, Трамп и неговата сопруга Меланија ќе присуствуваат на годишната парада по повод Денот на Бастилја, на која ќе учествуваат француски и американски воени претставници.