Постигнат е редок договор помеѓу лидерите на опозициските демократи во Конгресот и администрацијата на претседателот Доналд Трамп, при што двете страни ветија дека ќе работат заедно за создавање на огромен инфраструктурен пакет.
Изградбата на инфраструктурата во Америка никогаш не била партиско прашање. Се надеваме дека и во иднина ќе напредуваме на непартиски начин.Ненси Пелоси, Спикерка на Претставничкиот дом
Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, стоејќи покрај лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, пред Белата куќа, по разговорите со Трамп, за новинарите изјави дека тие и претседателот се согласија со два трилиони долари да се финансираат инфраструктурни проекти.
Средствата ќе бидат наменети за поправка на патишта и мостови, како и подобрување на енергетската мрежа и широкопојасниот пристап.
„Изградбата на инфраструктурата во Америка никогаш не била партиско прашање. Се надеваме дека и во иднина ќе напредуваме на непартиски начин“, рече Пелоси.
„Се согласивме дека инфраструктурата е од клучно значење за иднината на Америка, дека создава работни места и ќе нѐ одржи конкурентни“, изјави Шумер.
Белата куќа оцени дека средбата била “одлична и продуктивна за обнова на националната инфраструктура“.
Демократските лидери посочија дека за три недели ќе се состанат повторно со претседателот за да прецизираат за тоа како ќе се финансираат инфраструктурните проекти.
„Претседателот се радува за заедничката работа и за тоа што ќе биде направено за американскиот народ“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.