Трамп најави договор од три милијарди долари за продажба на хеликоптери на Индија

Американскиот претседател најави дека двете држави се посветени на заедничката борба против тероризмот

Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ќе потпишат договор од три милијарди долари за продажба на хеликоптери и друга опрема на Армијата на Индија.

Трамп ова го најави во говор пред повеќе од 100.000 луѓе во Ахмедабад, кои се собраа да ги слушнат него и индискиот премиер Нарендра Моди.

Пред посетата на Индија, Трамп рече дека нов голем трговски договор меѓу двете држави нема да биде тема на ова патување.

Сепак, во неговото обраќање тој вети дека двете држави ќе ги склучат едни од најголемите трговски договори, нагласувајќи дека е оптимист оти тој и Моди можат да склучат одличен договор за двете страни.

И Моди испрати оптимистички сигнал за потенцијален трговски договор, потенцирајќи дека меѓусебните односи се зацврстуваат во одбрандбениот и енергетскиот сектор, информациската технолигија, и оти Индија ќе понуди нови можности за САД.

Нарекувајќи ги двете држави „природни партнери“, Моди рече дека ќе помогнат да се постигнат мир, напредок и безбедност, не само во Индопацифичкиот регион, туку и во целиот свет.

Тој додаде дека посетата на Трамп означува ново поглавје во односите меѓу двете држави.

„Односите Индија - САД не се повеќе само уште едно партнерство. Се работи за многу поголема и поблиска релација“, изјави инидискиот лидер.

Трамп рече дека Америка ја сака и почитува Индија, и оти секогаш ќе им биде лојален пријател на индиските граѓани.

Тој рече дека двете држави се посветени на заедничката борба против тероризмот.