Самитот на Г-7 денеска завршува со дискусии за климата и дигиталната трансформација, иако тие прашања најверојатно ќе бидат засенети од завршната заедничка прес конференција на американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска е во фокусот на медиумите откако изрази оптимизам пред новинарите за трговските зделки со Кина и Јапонија, како и за изгледите за постигнување на договор со Иран.
Ваквите оценки беа дадени додека Трамп седеше покрај египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси на кратка средба со новинарите.
Во однос на средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, Трамп рече дека знаел дека доаѓа иранскиот министер и дека го одобрил тоа.
Трамп, кој се повлече од Иранскиот нуклеарен договор минатата година, рече дека во новите преговори ќе бидат вклучени иранската нуклеарна програма и балистичките ракети. Тој упати критика дека Заедничкиот акционен план од 2015 е премногу краток.
„Иран има изгледи навистина да напредува и да биде многу голема нација, поголема од порано. Но, мора да го запре тероризмот“, рече Трамп.
На самитот, Макрон претстави план за смирување на растечките тензии во Заливот со делумно укинување на американското ембарго за иранската нафта во замена за целосно усогласување на Техеран со договорот од 2015 година што ја ограничува неговата нуклеарна програма.