Одлуката за прекин на оваа програма, претседателот на САД Доналд Трамп, се очекува да ја објави утре.
Официјални претставници изјавија дека притоа ќе има продолжување од шест месеци, со што на Конгресот ќе му се даде време за решавање на прашањето. Законодавците не беа вклучени во креирање на оваа програма, којашто стапи на сила преку извршна наредба на поранешниот претседател Барак Обама.
Владини лица сепак предупредија дека претседателот можно е да го смени мислењето.
Одложената акција за пристигнување на деца, позната под кратенката ДАКА (DACA), овозможи одложување на депортацијата за речиси 800.000 лица преку обезбедување двегодишни, обновливи работни дозволи за квалификувани кандидати.
Нејасно е што ќе се случи ако Конгресот не преземе ништо пред завршувањето на шестмесечното продолжување, или што би било следно за некој чија работна дозвола треба да се обнови токму во тој период.
За време на претседателската кампања, Трамп ветуваше дека ќе ја елиминира ДАКА, нарекувајќи ја „амнестија“. Сепак, откако ја презеде функцијата, тој кажа дека прашањето е едно од најтешките со кои се соочил како претседател.
Многумина вклучени во програмата, во САД дошле како мали деца и немаат никакви врски со нивната матична земја.
Спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, и неколку други републикански законодавци, го повикаа претседателот да не ја прекине програмата. Рајан додаде дека верува оти Конгресот треба да изнајде начин за заштита на овие луѓе.