Трамп верува дека номинацијата за Врховниот суд ќе биде фантастична, Бајден рече дека е закана за правото на абортус

Претседателот побара од Бајден да се заложи за ред и поредок во американските градови, тој одговори дека поддржува ред и поредок со правда

Темата за расните односи во САД беше дел од вчерашната претседателска дебата. Поранешниот потпретседател Џо Бајден го обвини Трамп дека генерирал расни тензии, укажувајќи на коментарот на претседателот за маршот на белите националисти во Вирџинија во 2017 година, кога рече дека имало „добри луѓе на двете страни“.

Трамп одби да ги осуди белите националисти на прашање на новинарот, велејќи дека тој има поголема политичка поддршка од црните гласачи од кој било републиканец претходно.

Претседателот, пак, го обвини Бајден за законот против криминал во 1990-тите години, кога бил сенатор.

Трамп побара од Бајден да се заложи за ред и поредок во американските градови, додека Бајден рече дека тој е за ред и поредок со правда.

Поранешниот потпретедател рече дека би ги вратил САД во Парискиот климатски договор, додека Трамп рече оти верува дека шумските пожари би можеле да се стават под контрола со добро менаџирање.

Бајден рече дека конзервативната номинација за Врховниот суд претставува закана за националниот закон за здравствена заштита, како и за судската одлука за легализација на правото на абортус од 1973 година.

Трамп возврати дека верува оти таа ќе биде фантастична, додавајќи дека тие ги добиле изборите и имаат право да ја одберат неа.