Американскиот претседател Доналд Трамп и лидерите на балтичките држави, разговараа за тоа како да ги зајакнат безбедносните, деловните, трговските, енергетските и културните партнерства меѓу САД и трите сојузници на НАТО, беше објавено по средбата во Белата куќа.
Трамп и лидерите на Естонија, Летонија и Литванија, го потенцираат неодамнешниот успех на земјите во исполнување на ветувањето на НАТО за трошоците за одбрана.
Трамп во неколку наврати ги критикуваше земјите-членки на НАТО поради тоа што не придонеле за нивниот фер удел во Алијансата, а не ги исполнија и нивните референтни вредности за одбранбените трошоци.
Откако Русија го анексираше Крим во 2014-та година, Естонија, Летонија и Литванија се` повеќе се загрижени за регионалната воена агресивна активност на Русија.
Оттогаш решија да ги засилат своите одбранбени трошоци, сметајќи на сојузниците на НАТО, дека можат да им обезбедат воена помош, доколку Русија преземе каква било армиска акција.
Латвискиот претседател Раимон Вејонис минатата недела изјави дека очекува Вашингтон јавно да се заложи за безбедноста на регионот.
„Се планира да се усвои декларација, од која очекуваме мошне силна политичка порака од САД, изразувајќи поддршка за зајакнување на балтичката безбедност и изразување поддршка за независноста на балтичките држави“, рече тој.
Самитот на САД и Балтикот доаѓа во услови на зголемени тензии помеѓу Русија и Западот.
Минатата недела САД и повеќе од дваесетина земји, вклучувајќи ги и трите балтички држави, протераа вкупно повеќе од 150 руски дипломати, покажувајќи солидарност во врска со труењето на поранешниот шпион на Русија во Британија. Русија одговори со протерување на повеќе од 150 странски, вклучително и 60 американски дипломати.
Освен протерувањето, САД и балтичките држави ја обвинија Русија за провоцирање на кибернетски напади и ширење на лажни вести, пропаганда и дезинформации на интернет, во обид да се мешаат во политичките системи на европските земји и да го задушат јавното мислење во полза на Руската агенда. Највисоките американски разузнавачи ја обвинија Русија за вмешаност во претседателските избори во 2016-тата година и преземање чекори за да ги поткопа делумните конгресни избори кои треба да се одржат во 2018-та година.
„Мислам дека она што го видовме во изминатите четири или три години е дека заедницата на демократските нации е под напад“, изјави латвискиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевикс, во неодамнешното интервју за руската редакција на Гласот на Америка, повикувајќи на мешање на Русија.
Русија во петокот пак, го тестираше својот нов балистички проектил со течно гориво. Латвиското Министерство за одбрана соопшти дека е загрижено од ненадејната најава од Русија дека ќе тестира проектили во Балтичкото Море помеѓу Летонија и Шведска на 4-ти и 6-ти април.
Претседателот Трамп минатиот месец му честиташе на рускиот претседател Владимир Путин за неговиот реизбор и за време на телефонскиот разговор двајцата лидери биле согласни да одржат средба што поскоро.
Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс, изјави дека можната средба може да се случи во Вашингтон.