Трамп ја заврши азиската турнеја

Претседателот на САД во последен момент реши да не учествува на Самитот на источна Азија

Претседателот на САД, Доналд Трамп во последен момент ја прескокна пленарната седница на Самитот на источна Азија, и настаните кои се одржуваат покасно од првично планираното.

Наместо тоа, Трамп замина од Филипини.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон го замени претседателот Трамп на самитот.

Официјални претставници од Белата куќа соопштија дека Трамп ја пренел својата порака за време на ручекот по самитот на лидерите на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН).

Трамп ја заврши својата, 12-дневна посета на пет азиски нации без поголеми најави за идната политиката кон регионот, но турнејата ја прогласи за „неверојатно успешна“, велејќи „направив многу пријатели, на највисоко ниво“.

Трамп исто така кажа дека неговото патување резултирало со најмалку 300 милијарди долари вредни бизнис договори, иако тој не даде детали.

„Покажавме дека САД се отворени за трговија, но ние сакаме реципрочна трговија, сакаме фер трговија за САД“ рече Трамп.

За време на посетата, претседателот на САД нагласи дека неговата администрација ги отфрла мултинационалните трговски договори, како што е Транс пацифичкото партнерство во корист на билатералните економски договори.

Претседателот рече дека значајна објава по неговото патување ќе биде направена во Белата куќа во средата попладне или четвртокот.

Набљудувачите имаат мешани оценки за посетата.

Во Азија, Трамп „јасно стави до знаење дека не може да се одвојат економските и одбранбените прашања.“ вели Куртис Чин, кој беше назначен од претседателот Џорџ Буш за амбасадор во Азиската банка за развој.

Поранешната советничка за национална безбедност во администрација на Обама, Сузан Рајс, тврди дека патувањето на Трамп ги прави САД „поизолирани и во состојба на повлекување, предавајќи го лидерството во Индо - пацифичкиот регион на сребрен послужавник на Кина“.

Активисти исто така го критикуваат Трамп затоа што ги елиминирал човековите права како основен елемент на американската надворешна политика.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, во понеделникот за новинарите изјави дека прашањето за човековите права се појавиле во разговорите на Трамп со филипинскиот претседател Родриго Дутерте. Но, портпаролот на претседателот на Филипини инсистираше дека тоа не се случило.

Трамп, непосредно пред да замине од Манила, рече дека односите на САД со Филипини биле „ужасни“, но како резултат на неговата посета „ имаме многу, многу силна врска за Филипини.“