Без големи очекувања од средбата Трамп-Абас

Ова e прва средба на американскиот и палестинскиот претседател

Нема големи очекувањата за дипломатски напредок во израелско-палестинскиот мировен процес во време кога претседателот Доналд Трамп е домаќин на палестинскиот претседател Махмуд Абас во Белата куќа.

Трамп минатата недела кажа дека не гледа „причина“ зошто не може да има мир меѓу Израел и Палестинците. Абас неодамна исто така изјави дека под лидерство на Трамп, има „историска“ можност за мировен договор за ставање крај на деценискиот конфликт.

Абас, кој раководи со палестинската управа со седиште на Западниот Брег, има скромни очекувања од посетата. Според палестински официјални лица, една од неговите главни цели ќе биде едноставно да слушне за планот на Трамп за заживување на мировните преговори.

Но, Абас воедно сака да ја искористи средбата да го подобри неговиот углед дома и во странство, велат аналитичарите.

Абас е се` понепопуларен меѓу Палестинците. На 82-годишниот политичар ова му е 12-та година од мандатот, што требаше да трае само пет години.

Неодамнешна анкета покажува дека две третини од Палестинците сакаат тој да поднесе оставка, незадоволни од досегашни резултати. Неговата партија Фатах, исто така се соочува со сериозен предизвик од Хамас, ривалска палестинска група која го контролира Појасот Газа.

Абас е изложен и на ризик да биде изолиран од напорите на Трамп за заживување на израелско-палестинските мировни разговори. Наместо директни разговори меѓу двете страни, Трамп предложи вклучување на арапските земји за да помогнат во постигнување на договор.

Насоката на мировните разговори стана уште понејасна како резултат на контрадикторни изјави на Трамп по израелско-палестинското прашање.

Во февруари, Трамп излезе со став спротивен на долгогодишна политика на САД, кога по состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека тој е отворен за алтернативи на решението за постоење на две држави.

Иако американските дипломати подоцна ги уверија палестинските официјални лица дека САД остануваат посветени на идејата за палестинска држава, голем број Палестинци продолжија да прашуваат дали Трамп ќе биде непристрасен посредник.