Тргнал да студира, а завршил како руски регрут: Млад Непалец бара помош да се врати дома

Your browser doesn’t support HTML5

Властите во Непал велат дека стотици Непалци биле регрутирани од страна на руската војска, со ветувања за високи плати и државјанство. Непалско семејство, за Гласот на Америка, раскажува за тоа како нивниот син се приклучил на руската Армија како платеник. Известува Хенри Вилкинс. 

Во ова село во подножјето на Хималаите, Ганга Дакал Сидарт, вели дека кога нејзиниот син заминал за Русија минатото лето, имал договорен прием на руски универзитет.
Откако дошол, агентот што го договорил му ги украл парите и го оставил без ништо илјадници километри од дома.

Последен пат кога Сидарт разговарала со 23-годишниот Сидарта Дакал, тој рекол дека е гладен, немал каде да живее и оти не знаел што да прави.
Потоа, во декември, на интернет се појавило видео од нејзиниот син, заробен од украинските безбедносни сили, кој се борел на страната на Русија во Украина.

„Мамо, тато, тука сум. Сè е во ред. Не знам што ќе се случи со мене во иднина. Во Украина има многу Непалци. Се надевам дека непалската влада ќе ја слушне оваа вест и ќе испрати спас што е можно поскоро“, вели Сидарта во видеото.

Ганга вели дека е преплашена за својот син.

„Веќе поминаа четири или пет месеци. Не знам што се случи со мојот син, ништо не знам. Го слушнав како вели на видеото те молам мамо спаси ме, што е можно побрзо, со помош од сите“, објаснува мајката.

Непалската влада соопшти дека стотици нејзини граѓани биле регрутирани од Русија како платеници и испратени во Украина да се борат. Со недели барала од Русија да ги врати назад, заедно со телата на неколку Непалци убиени во Украина, за да може да бидат погребани.

Непал е глобално жариште за трговија со луѓе. Релативно сиромашни во споредба со нивните соседи во Русија, Кина и Индија, многу Непалци мигрираат илегално во овие земји заради високите плати.
Повеќето работат на нискоквалификувани работни места, но не како платеници.

Бикрам Мала неодамна се вратил од служба во руската Армија во Украина.

Тој вели дека сега сака да се врати бидејќи му требале пари за да го издржува семејството.

„Никој не скока во оган освен ако не е принуден. Сето тоа е поради пари. Во Непал нема ништо. Толку многу Непалци се невработени. Значи, подобро е да се умре таму отколку овде од глад“, вели Мала.

Тој вели дека му платил на агент околу 4.000 долари за да му помогне да се приклучи на руската Армија.

Платата што ја добил била на сметка во руска банка до која не можел да пристапи без да се врати во Русија.

Ганга, исто така, вели дека нејзиното семејство сега е во долгови откако земало заем верувајќи дека го испраќа својот син на колеџ.
Гласот на Америка се обрати до украинските власти за да утврди каде се наоѓа нејзиниот син, но не доби одговор.