Доналд Трамп ја прифати претседателската номинација вечерта во четвртокот на Републиканската национална конвенција. Тој на говорот опиша како се чувствувал за време на обид за атентат.
„Не би требало да бидам овде вечерва“, рече Трамп во преполната конгресна сала додека илјадници луѓе внимателно слушаа. „Имаше крв насекаде, но на некој начин се чувствував многу безбедно бидејќи гопсод беше на моја страна“.
78-годишниот поранешен претседател, најдобро познат по својата бомбастична и агресивна реторика, понуди помека и длабоко лична порака по обидот за атентат во саботата. Тој побара момент на молк за Кори Комператоре, пензионираниот шеф на противпожарната служба, кој беше убиен на митингот.
Се кандидирам да бидам претседател на цела Америка, а не на пола АмерикаДоналд Трамп
„Несогласувањата и поделеноста во нашето општество мора да се надминат. Како Американци, ние сме врзани со судбината. Ние растеме или пропаѓаме заедно“, рече Трамп, кој имаше завој на неговото десно уво по раната со која се здоби поради пукањеро во саботата. „Се кандидирам да бидам претседател на цела Америка, а не на пола Америка“.
Со обраќањето на Трамп заврши четиридневен собир на републиканците што привлече илјадници конзервативни активисти и избрани функционери во сојузната држава Висконсин.
На помалку од четири месеци до претседателските избори во САД, можни се големи промени за изборите.
Појавувањето на Трамп доаѓа во време кога 81-годишниот демократ и актуелен претседател Џо Бајден се соочува со притисок од клучните конгресни сојузници, донатори, па дури и од поранешниот претседател Барак Обама, кои стравуваат дека можеби нема да може да победи по неговата катастрофална дебата.
Наместо поенергична кампања, која од него ја бараат неговите поддрувачи, Бајден е во изолација во неговиот дом во Делавер, откако беше дијагностициран со ковид.
Трамп на Републиканската национална конвенција доби поддршка од претседателот на „Ultimate Fighting Championship“, Дејна Вајт. Кид Рок изведе песна со наслов „ Fight, Fight!“. Поддршка доби и од легендарниот шампион во борење Хулк Хоган кој го опиша поранешниот претседател како „американски херој“.
Хоган предизвика реакции кога за време на говор ја скина својата маица за да ја открие друга маица во црвена боја на која се испишани имињата на Трамп и Венс како и слоганот „Make America Great Again“.
Поранешната прва дама Меланија Трамп и Иванка Трамп, постарата ќерка на поранешниот претседателот, и тогашна советничка, му се придружија на Трамп во салата пред неговиот говор. Но, ниту една жена не зборуваше.
Конвенцијата во Милвоки традиоционално заврши со илјадници балони кои беа испуштени врз присутните.
Демократите се поделени
Додека републиканците требаше да излезат од нивната конвенција пообединети отколку во последно време, демократите се поделени околу тоа дали Бајден треба да продолжи. Бајден, по неговиот катастрофален дебатен настап против Трамп минатиот месец, се спротивстави на зголемениот притисок да се откаже. Конвенцијата на демократите е закажана за следниот месец во Чикаго.