Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Палестинците кои сега живеат во Газа ќе бидат преместени на неодредена локација надвор од територијата и немаат право да се вратат според неговиот план за енклавата.
Трамп, во интервју за Фокс њуз објавено во понеделникот, го нарече својот план за тесната територија покрај брегот на Средоземното Море „развој на недвижности за иднината“.
„Јас би го поседувал“, рече тој, додавајќи дека 2,3 милиони Палестинци кои сега живеат во разурната од војна Газа ќе бидат преместени на дури шест различни локации надвор од Газа според планот што арапскиот свет, како и сојузниците и противниците на САД, веќе го отфрлија.
Трамп не кажа каде ќе бидат преместени Палестинците. Но, на прашањето на водителот на Фокс, Брет Баер, дали ќе им биде дозволено да се вратат дома во Газа, Трамп рече: „Не, бидејќи ќе имаат многу подобро сместување“.
„Со други зборови, зборувам за изградба на постојано место за нив, бидејќи ако треба да се вратат сега, ќе поминат години пред да можат да живеат таму - тоа не е погодно за живеење“, рече Трамп за Газа, по 15-месечните борби меѓу Израел и Хамас.
Трамп најпрво го обелодени неговиот изненадувачки план за Газа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа минатата недела. Тој предложи Египет и Јордан да ги примат Палестинците, но двете земји ја отфрлија идејата.