Придобивките од ископување на нафта и гас во морето, едноставно не се вредни за ризиците за животната средина, здравјето и економијата, вели претседателот Џо Бајден, особено сега кога нацијата преминува кон економија базирана на чиста енергија.
Така, на 6-ти јануари, Бајден објави нова, опсежна забрана за идно ископување на нафта и гас на околу 253 милиони хектари државни води. Ова ги опфаќа поголемиот дел од крајбрежните води на САД.
„Веднаш ќе го вратам назад. Ќе биде завршено веднаш”, одговори новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој вети дека брзо ќе ја поништи забраната и ќе ги засили дупчењата на море откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
„Ќе дупчиме на многу други локации, а трошоците за енергија значително ќе се намалат”, истакна Трамп.
Но, правни експерти велат дека можеби нема да биде лесно да се укине забраната, бидејќи тоа веројатно ќе бара законодавен акт од Конгресот.
Во меѓувреме, еколозите велат дека новата забрана ќе помогне во борбата против климатските промени.
„Науката јасно покажува дека било какво проширување на фосилните горива е некомпатибилно со цел да се одржи затоплувањето на нашиот свет под 1.5 степени Целзиусови, што е праг поставен во Парискиот договор за да се спречат ескалациите на шумските пожари, ураганите и другите климатски катастрофи”, вели Али Розенблут од „Oil Change International“.
Трамп претходно изрази скептицизам за климатските промени предизвикани од човекот. Поддржувачите на енергетската индустрија го фалат ставот на новоизбраниот претседател.
„Побарувачката е 100 милиони барели дневно за глобалната економија и ако не ја произведуваме таа енергија овде во САД, таа ќе се произведува некаде на друго место и веруваме дека имаме високи стандарди кога станува збор за заштита на животната средина”, посочува Ерик Милито од Националната асоцијација за океански индустрии.
Професорот по морска биологија на Универзитетот Дјук, Енди Рид, признава дека на светот засега му е потребна нафта.
„Не можеме веднаш да преминеме кон извори на енергија што не се базирани на јаглерод. Значи, ќе потрае долго време, па дури и ако моментално се движиме малку наназад, мислам дека долгорочната перспектива ќе биде кон почисти извори на енергија”, вели Рид.
И тој додава дека транзицијата кон позелена енергија ќе се случи со или без лидерство на САД.