Доналд Трамп вели дека минатата седмица бил онеправдан во судницата во Њујорк од страна на судија кој му дал доволно основи да поднесе жалба.
„Ќе обжалиме. Ќе обжалиме за многу различни аспекти. Судијата не ни дозволи да имаме сведоци. Не ни дозволи да изнесеме аргументи за било што. Судијата беше тиранин“, најави Трамп.
Трамп беше осуден по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да ги скрие плаќањата користени за незаконско влијание на изборите во 2016 година. Трамп вели дека судењето било „наместено“ од поддржувачите на претседателот Џо Бајден.
Бајден вели дека кривичните дела на Трамп потврдуваат дека никој не е над законот.
„Сега ќе му се даде можност, како што треба, да поднесе жалба на таа одлука, исто како што сите други ја имаат таа можност. Така функционира американскиот систем на правда. Непромислено, опасно и неодговорно е некој да каже дека ова е лажиран процес, само затоа што не им се допаѓа пресудата“, истакна Бајден.
Во жалбата, адвокатите на Трамп може да се осврнат дека статутот за негово кривично гонење бил премногу нејасен, вели професорката по право на Џорџтаун, Аби Смит.
„Дали самиот статут е толку широк или двосмислен што би можел да фрли мрежа премногу широко, а луѓето фатени во таа мрежа не би знаеле точно со што се соочуваат, не би разбрале што пропишува законот и што дозволува законот со оглед на формулацијата на статутот“, вели Смит.
Смит додава дека адвокатите на Трамп би можеле потоа да разгледаат дали главниот судија дозволил докази што тој не треба да ги има или спречил да се доставуваат докази за одбраната што требало да ги дозволи.
„Кога сакавме да изнесеме аргументи, тој не дозволуваше, не ни дозволуваше да ги правиме тие работи. Но, кога владата сакаше нешто, тие добиваа сè. Добија сè што сакаа“, се пожали Трамп.
Трамп може да поднесе жалба и врз основа на неефективен бранител.
„Мислам дека можеби неуспехот на бранителот да се спротивстави на сведочењето на Сторми Даниелс што сугерира дека сексуалната врска меѓу неа и Трамп била нешто друго освен консензуална, може да биде плодна основа за жалба со која се оспорува ефективноста на неговиот адвокат“, објаснува Смит.
Без оглед на нивните стратегии, Трамп и неговите адвокати веројатно нема да поднесат жалба пред неговата пресуда на 11 јули, вели професорот Дејвид Шапиро од Колеџот за кривична правда Џон Џеј.
„Најверојатно ќе ја чека пресудата. На тој начин и неговите адвокати имаат целосна перспектива за тоа со каква изложеност се соочува, наместо да го прави тоа поединечно, што, меѓу другото, ги согорува финансиските ресурси на Трамп и навистина не му обезбедува материјална предност за неговиот случај“, вели професорот Шапиро.
Малку е веројатно дека ќе се донесе одлука за жалбата пред денот на изборите, вели Смит.
„Ова не е брз процес. Не гледам, дури и ако Апелацискиот суд го смета овој случај како посебен и итен поради претседателските избори, не гледам дека тоа ќе се случи пред ноември“, смета Смит.
Ако пресудите за кривичните дела не бидат поништени пред денот на изборите, Трамп ќе биде првиот престапник што ќе се кандидира за претседател на една од двете главни политички партии во САД.