За време на неговата претседателска кампања, Доналд Трамп рече дека најлошиот проблем на Америка е илегалната имиграција.
„Ќе ја имаме најголемата депортација во историјата. Јас не сум горд што го кажувам тоа, тоа е тешко да се направи“, рече Трамп.
Откако победи на изборите, Трамп сподели објава на социјалните мрежи во која вели дека ќе прогласи национална вонредна состојба и ќе распореди американски војници да помогнат во тие депортации.
Нејасно е како американската војска би можела да се искористи за извршување на ова ветување за масовни депортации, вели професорот по право на Универзитетот во Њујорк, Џозеф Нун.
„Навистина зависи од тоа што точно размислува претседателот во однос на тоа како сака да ја користи војската, дали сака војската директно да учествува во спроведувањето на законот или да дава индиректна поддршка за федералната операција за депортација“, вели Нун.
Том Хоман кој е именуван да се справува со ова прашање, планира поагресивен пристап за депортација и зголемено армиско учество.
„Ќе имаме масовна операција за депортација и ќе се обидеме да ги пронајдеме оние над 300.000 деца кои беа ослободени од оваа администрација“, додава Хоман.
Хоман цитира извештај за домашна безбедност, кој покажува дека над 32.000 малолетници без придружба ги пропуштиле судските рочишта, додека повеќе од 290.000 не добиле известување. Експертите за имиграција тврдат дека ова не мора да значи дека тие се исчезнати. Некои можеби сè уште се на нивните наведени адреси.
„Масовната депортација не е единствената опција. Наместо тоа, Конгресот би можел да создаде нов пат до постојан правен статус, дозволувајќи им на многу луѓе кои веќе живеат овде да поднесат апликација, да поминат низ проверка на позадината, да платат такси и да ги средат своите документи“, истакна Арон Рајхлин-Мелник од Американскиот совет за имиграција.
Комисијата за правосудство на Сенатот оваа недела разговараше за предизвиците на масовните депортации, при што демократите рекоа дека тоа може да и наштети на економијата.
„Факт е дека денес во САД живеат милиони имигранти без документи кои работат во индустрии клучни за целата наша економија“, вели демократскиот сенатор Алекс Падиља.
И, републиканците го нагласуваат владеењето на правото.
„Ние ќе ја следиме наредбата за отстранување од страна на имиграциските судови и повторно, нема да ги прифатиме беззаконието и криминалот во САД како нова нормала“, посочува републиканскиот сенатор Џон Корнин.
Федералните закони го ограничуваат военото вклучување во цивилното спроведување на законот без одобрение од Конгресот, но овластувањата за неитни случаи ќе му дозволат на претседателот да распореди војници за да обезбеди логистичка поддршка. Некои експерти велат дека војниците немаат обука за спроведување на имигранти.
„Секој припадник на службата кој ќе биде вовлечен во домашна операција за масовна депортација е припадник на службата кој не ја врши својата нормална работа и не ја исполнува својата обична улога на националната безбедност“, додава професорот Нун.
Сојузната држава Тексас и нуди на администрацијата на Трамп повеќе од 550 хектари за изградба на објект за обработка и притвор за, како што вели комесарот за земјиште на државата, „најголемата депортација на насилни криминалци во историјата на нашата земја“.