Стејт департментот соопшти дека државниот секретар Рекс Тилерсон, ќе присуствува на првиот состанок закажан следната недела меѓу владите на Саудиска Арабија и Ирак, кој има за цел зајакнување на односите меѓу двете земји.
Во соопштението се вели дека Тилерсон во Ријад ќе се „сретне со повеќе саудиски лидери за да разговара за конфликтот во Јемен, тековниот спор во Персискиот Залив, Иран и бројни други важни регионални и билатерални прашања“.
Состанокот ќе се одржи во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, четири месеци откако двете земји потпишаа договор за формирање совет за подобрување на односите со соседните земји, со цел спречување на регионалното влијание на Иран.
Состанокот во Ријад ќе биде само една од неколкуте посети на Тилерсон меѓу 20-ти и 27-ми октомври.
Подоцна, Тилерсон во Доха ќе се сретне со лидерите на Катар и американски воени претставници, на разговори за „заедничките антитерористички напори“ и „други регионални и билатерални прашања“ пред да ги посети Индија, Пакистан и Швајцарија.
Ова ќе биде прва посета на Тилерсон на Јужна Азија, каде ќе се состане со пакистански и индиски претставници. Теми на разговорите ќе бидат билатералната соработка, стратешките партнерства и регионалните безбедносни прашања.
Во Женева, Тилерсон ќе ги посети Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, Меѓународната организација за миграции и Меѓународниот комитет на црвениот крст. Во фокусот ќе бидат „бројни тековни глобални и хуманитарни кризи“.
Стејт департментот не ги соопшти конкретните датуми на посетите на шефот на американската дипломатија.