Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, се врати во Доха за да се сретне со емирот на Катар, шеикот Бин Хамад Ал Тани, во најнов дипломатски обид чија цел е разрешување на конфликтот меѓу Катар и групата арапски земји-Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет.
Пред да замине во Доха, Тилерсон се сретна со министерот за надворешни работи на Кувајт, шеикот Сабах Ал Калид-ал-Сабах на разговори за кризата во Персискиот Залив.
Кувајт има улога на посредник во изнаоѓање на излез од ќор-сокакот откако Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Бахреин ги прекинаа дипломатските врски со Катар.
Групата предводена од Саудиска Арабија го обвини Катар за поддршката на тероризмот и по прекинувањето на дипломатските врски со Доха доставија листа со 13 барања.
Катар соопшти дека е подготвен да преговара, но нема да се откаже од својот суверенитет.
Тилерсон не разговараше со новинарите пред состанокот со министрите на коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Џеда.