Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон кажа дека воена акција против нуклеарно вооружената Северна Кореја е „опција која стои на маса“, откако предупреди дека политиката на стратешко трпение со Пјонгјанг е завршена.
На денешната прес-конференција во Сеул, заедно со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Јун Бјунг-сe, Тилерсон сигнализираше значајна промена на американската политика кон Северна Кореја, велејќи дека развивањето на ракетната и нуклеарна програма мора да престане:
„Да биде јасно, политиката на стратешко трпение заврши. Ние разгледуваме нов опсег на дипломатски, безбедносни и економски мерки и сите опции се на маса.“
Тилерсон кажа дека е создаден „сеопфатен збир на можности“ за справување со изолираната нација која технички се` уште е во војна со јужниот сосед.
Американскиот дипломат ја посети и демилитаризираната зона која ги разграничува Северна и Јужна Кореја.
Тој вчера беше во посета на Јапонија, а Јужна Кореја е втора станица од азиската турнеја.
Последна станица на Тилерсон е Кина, каде што на неговата агенда е состанок со претседателот Ши Џинпинг. Разговорите со Ши, исто така ќе бидат подготовка за средбата меѓу претседателите на двете држави, планирани за април, во Флорида.