Со знамињата на половина копје на општинската зграда, Тетово денес жали за четирите жртви на завчерашното невреме. Двете дечиња и 83- годинишниот старец вчера беа погребани во родната Шипковица.
Низ главните улици, се` уште прекриени со неколку сантиметри густа кал, и споредните, коишто и натаму се под вода, сообраќајот е прилично густ. Одвереме-навреме, полицијата помага во регулирањето за да ја пропушти механизацијата на пат кон селата коишто гравитираат околу градот и кон најтешко погодената од невремето Шипковица. Таму, војската и селаните, помогнати од кучиња-трагачи се ` уште се обидуваат да го лоцираат исчезнатото 6 - годишно девојче. Таткото раскажува дека трите негови деца биле внатре и кога водата надошла тој со јаже се обидел да ги спаси. Едно од децата успеало да се спаси, но другите останале под урнатините. Момчето дури вчера изутрина било излечено, но потрагата по девојчето е сведена околу куќата, затрупана со три метра којакал што се исцрпува рачно, со кофи.
Во меѓувреме се трага и по 61- годишен овчар од Речица. Од синоќа, струја добија жителите на Речица, додека во Шипковица, којашто и натаму наликува на огромно свлечиште, враќањето на животот во нормала ќе потрае.
На населението му треба храна, вода и хигиенски средства
Додека екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, припадници на АРМ и мештаните го расчистуваат теренот, Црвениот крст и повеќе невладини организации работат на згрижување на околу 200 семејства од Шипковица, Голема и Мала Речица, коишто или целосно останаа без своите домови, или она што останало е без елементарни услови за живот.
Во моментов се најпотребни храна, вода и средства за хигиена, за што веќе се организирани хуманитарни акции, а отворени се и телефонски линии на трите мобилни оператори за парична помош за загрозените. Црвениот крст започна со достава на леб и цистерни со вода, а помош понудиле и сродните организации од Албанија и Бугарија.
Здравствените власти предупредуват дека опасноста за населението допрва следува, и дека веднаш по расчистувањето мора да се спроведе дезинфекција за да се спречи можноста од зарази.
„Уште вечерта кога се случи катастрофата, тимовите отидоа на терен. Покрај локалните, вклучивме и екипи од здравствените домови во Скопје и Гостивар, а пристигнаа и специјалистите по хигиена и епидемиологија од Регионалниот центар за јавно здравје во Тетово. Сите институции вклучени во Координативното тело што го формира Владата, максимално ги ставија на располагање своите расположливи средства за настраданите“, вели заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
Тетовско се поплави од само 9 литри дожд на квадратен метар
Како што минува првичниот шок од, како што го нарекуваат овдешните жители, „водениот пекол“, се почеста тема на разговор меѓу нив е – кој е виновникот, и можеше ли да се спречи?
Реката Пена е вратена во своето корито, но е преполна со ѓубре. Завчера таа се излеа по дури 36 години. Жителите велат дека поплавите се природна катастрофа, но вина имаат и луѓето.
„Секој од нас фрлил нешто каде што не треба. Водата од планините носеше градежен шут, партали, шишиња, апарати за домаќинство. Покрај тоа, постојаното сечење на дрвјата на Шара придонесе водата полесно да слегува надолу кон селата“, вели еден жител на Тетово.
„Градежен шут постојано се истура над нашето село. За овој проблем постојано сме упатувале апели до општинските и централните власти, кои немале слух, но сега веќе е доцна да се бара интервенција за оваа незаконита појава, трагедијата се случи, шутот се спушти во нашето село и уби дете“, вели претставник на Месната заедница во Шипковица.
За стручњаците, бесправната масовна сеча на шумите, узурпацијата на речните корита и недостатокот на соодветна законска регулатива за води се главните причини за катастрофи од временските неприлики, дури и со наврнати само 9 литри дожд на квадратен метар, како што беше случајот во тетовско.
„Од 90-те години - наваму, влеговме во анархија на природните ресурси. Има големи бесправни сечи, а најнагласено е во шарските предели, липковскиот регион и сето тоа го поремети режимот на текот на водите. И наместо од такви еко-системи да очекуваме корисни, ние имаме штетни води. Од 90-те години - наваму во речните корита се случува се`. Тие доминантно треба да служат за транспорт на водите, но станаа депонии“, вели професорот Александар Трендафилов од Шумарскиот факултет.
Фактор е и нередовното чистење на речното корито, но и дивоградбите коишто го узурпираат, според професорот Вулнет Палоши од Тетовскиот универзитет.
„Откако ќе заврне дожд, нивото на водата постојано е под само 10 сантиметри од мостот во долниот дел на градот. Голем проблем е што Мајор и Мијор коритото, кое треба да прими големи количини на води во случај на поплави како вчерашната се узурпира и се стеснува од разни градби. Не се одржуваат ни каскадите кои треба да ги спречат наносите од камења, да не се струполат во градот во случај на поплави, тие целосно се уништени, па невремето во реката Пена донесе големи карпи, кои за среќа не излетаа во некој дом или на јавна површина“, вели Палоши.
Од Општина Тетово велат дека коритото на Пена се чисти „во рамки на можностите“, а планирана е и реконструкција на решеткастите брани, но со финансиска помош од Министерството за животна средина.
Тетово важи за еден од најзагадените градови во земјава, па и во Европа - со години се бори со проблемот со отпадот. Од сите шест полошки општини, само во Желино има депонија за градежен шут, додека во останатите, шутот најчесто се фрла покрај реки и во планините. Во меѓувреме, Тетово хаотично порасна, од гратче со 50-тина илјади, во град со 200 илјади жители, без паралелно да се зголеми и капацитетот на канализацијата и атмосферските води. Завчерашната апокалиптична слика, за тамошните жители, е пример за тоа како изгледа кога природата враќа, исто онака како што и ја третираме.