Освен подготовка и спроведување престојните избори да бидат фер и демократски, од техничката Влада, во која ќе партиципираат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните не треба да имаат големи очекувања, велат експерти.
Но, тоа не значи дека ако има избори, државата треба да застане со својата работа, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.
„Она што е тековно треба да се сервисира додека се случат изборите. Додека оваа техничка Влада нема некој легитимитет да презема нови иницијативи, нови проекти, да распишува нови тендери итн. Единствени очекувања се евентуално да се обезбеди некаков континуитет на државата, односно функционалност на институциите. Основна задача на оваа Влада е да обезбеди самиот предизборен и изборен процес да помине во најдобар ред“, вели Божиновски.
Александар Кржаловски, директор на македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека техничката Влада, може да се зафати со решавање и на некои од тековните проблеми.
Како пример го наведува издавањето на патните исправи.
„Едно од поглавните прашања со кои треба да се занимава и тоа прво во наредниот период е решавање на оваа ситуација која произлезе со издавањето на новите пасоши за кои наводно истекува рокот на 15 февруари. Едноставно може да се извести дека технички не може да се изведе и ќе се одложи за одреден период. Она што е главна функција на техничката Влада, тоа е подготовката на изборите. Треба да се создаде атмосфера, конечно да имаме избори без никакви забелешка“, рече Кржаловски.
Your browser doesn’t support HTML5
Тоа само по себе ќе демонтсрира демократска зрелост и ќе потврди дека нема потреба од ваква техничка Влада.
„Една од првите работи на овој Парламент е да ги укине одредбите за ваква техничка Влада и ова веќе да стане историја. После тоа главен предизвик ќе биде како да се продолжи европскиот пат, односно дали и во која форма ќе се усвојат уставните измени. И сите партии тоа ќе си го кажат во изборната кампања на кој начин ќе се реши тоа прашање“, вели Кржаловски.
Пржинската влада требаше да биде ад-хок решение, кое ќе важи само за тие избори, но тоа се преточи во одредени законски норми кои се` уште важат, вели Божиновски.
„Имаше опција и сега таа техничка Влада да биде укината, затоа што опозицијата го поддржа тоа. Но, власта реши дека нема да оди со нејзино укинување. Со оваа Влада се зголемува оној меѓу простор на функционалност на претходна политичка влада и нова политичка влада. Бидејки ние сега имаме сто дена, а потоа ќе чекаме уште најмалку еден месец, додека се формира нова влада. Практично пола година државата ќе функционира само технички што е многу лошо пред се` за бизнисот“, вели Божиновски.
Парламентарните избори треба да се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателските избори. Со техничката Влада ќе раководи Талат Џафери од ДУИ.