Таткото на Вања повторно на распит, негира било каква инволвираност

МВР засега без официјални информации дали е лоциран осомничениот за убиството на Вања, Љупчо Палевски. Обвинителството ќе отвори истрага а притворот на осомничените ќе биде продолжен. Резултатите од обдукцијата се готови. Детали нема да се соопштуваат

СКОПЈЕ –Александар Ѓорчевски, таткото на сурово убиената четиринаесетгодишна Вања, попладнево, од истражниот затвор во Шуто Оризари, беше донесен во Обвинителството на распит и повторно негирал било каква инволвираност во грабнувањето и смртта на неговата ќерка.
Тој се најде на листата осомничени откако останатите осомничени кои беа уапсени во петокот во распитот изјавиле дека Палевски ги добил информациите за движењето на Вања и фактот дека критичниот ден, минатиот понеделник, ќе оди сама на училиште токму од Ѓорчевски.

Таткото на Вања вчера беше изведен пред судија на претходна постапка кој го прифати барањето на Обвинителството и му одреди 48 часовен притвор.

Меѓутоа се очекува во текот на денот МВР да ја испрати кривичната пријава до Обвинителството со што и официјално ќе биде отворена истрага и ќе биде побаран притвор од 30 дена за сите четворица осомничени.

Александар Ѓорчевски, критичниот ден во 11 часот, ќе пријави во полициската станица „Беко“ дека неговата ќерка излегла од домот на улицата наум Наумовски Борче во центарот на Скопје во 7.27 часот и се упатила кон училиштето.

Во институтот за Судска медицина заврши обдукцијата на телото на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска. Детали нема да се соопштуваат и наскоро ќе биде доставен до обвинителството. Обдукцијата треба да утврди како и кога е убиена Вања. Телото на детето е предадено на семејството.

Се анализираат и трагите кои се подигнати од местото на злосторството за да се потврди со докази кој од осомничените Велибор Манев и Боре Видоевски од Велес и Влатко Кешишов какви дејства презел.

Од МВР се чекаат одговори зошто Вања била ликвидирана уште истиот ден, што не тргнало според планот, со оглед дека е очекувано родителите да пријават во МВР и да побараат помош преку социјалната мрежа „Фејсбук“ и зачудува податокот дека „ги фатила паника“. МВР треба да одговори каде тие планирале да ја чуваат Вања додека бараат откуп, дали е посочена конкретна локација и што е најдено таму доколку постоело место каде планирале да ја држат.

Телото и автомобилот во кој е превезувана се најдени во атарот на селото Бразда.

Потрагата по првоосомничениот Љупчо Палевски продолжува. МВР вчера вечер распишаа меѓународна потерница по него за кривично дела грабнување и убиство.

Официјалната информација од МВР е дека тој на 30 ноември, три дена откако ладнокрвно ќе ја ликвидира Вања Ѓорчевска, ја напушта државата легално бидејќи побарал помош од неговиот адвокат на кого му рекол дека треба да оди во Белград на закажан лекарски преглед и дека му треба превоз.

Деновите по убиството е многу активен на социјалната мрежа „Фејсбук“ и става постови со политичка содржина.

Од министерството за образование пак му понудија на раководството на основното училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци“ каде што учеше Ѓорчевска дополнителен тим од стручни лица кои ќе работата со учениците за да им помогнат да ја пребродат загубата и траумите од настанот. Засега нема информации дали ќе има вакви тимови и во други училишта низ Скопје или државата.

„Изразуваме јавна благодарност до раководството и наставниот кадар во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ за високата посветеност и одговорност во работењето, кои воедно реагираа брзо и го алармираа семејството на ученичката за нејзиното отсуство од наставата. Министерството е постојана комуникација со училиштето и предложивме поддршка во делот на ангажирање дополнителен кадар составен од педагози и психолози, кои ќе им бидат на располагање на учениците во периодот што следи“, соопштија од МОН.

Граѓани, родители, ученици и денеска ги запишуваа последните поздрави за Вања во книгата на жалост во училиштето.

До крајот на годината се предвидува во Скопје да се промовира и да почне со функционирање системот за рано предупредување за исчезнати лица. Овој систем е подготвуван е три години по примерот на американскиот „Амбер Алерт“ и српскиот „Најди ме“. Таму ќе бидат вмрежени повеќе институции и други субјекти кои ќе имаат обврска да ја споделат информацијата за изгубена или киднапирана личност.