Претседателот Доналд Трамп, ја брани најавата за воведување на повисоки царини за увоз на челик и алуминиум, велејќи дека можните трговски конфликти можат да бидат од корист за САД.
„Кога држава како САД губи милијарди долари во трговијата со речиси секоја земја со која води бизнис, трговските војни се добри, и лесно се добиваат“, напиша претседателот Трамп на Твитер, додавајќи: „На пример, кога имаме трговски дефицит со некоја држава од 100 милијарди долари и не тргуваме повеќе, веќе сме извојувале голема победа. Лесно е".
Планираните тарифи предизвикаа загриженост од започнување на трговска војна, пад на акциите на пазарите, а некои светски лидери се заканија дека ќе преземат контра мерки.
Јапонскиот берзански индекс „Никеј“ падна на најниско ниво во повеќе од две недели и затвори на 2,5 проценти пониско од стартот, што е најниско ниво од 14-ти февруари наваму.
„Автомобилската индустрија ќе мора да се справи со зголемените трошоци, а можеби ќе треба да ги зголеми и цените, во време кога продажбата на автомобили веќе е слаба“, вели економскиот аналитичар Такуја Такахаши, „Ова не изгледа добро за автомобилскиот сектор“.
Кина денеска изрази „сериозна загриженост“ за американската трговска политика, но немаше директна реакција.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, го осуди трговскиот план на Трамп, нарекувајќи го „бескрупулозна интервенција за заштита на домашната индустрија.“ Тој рече дека ЕУ ќе преземе контра мерки ако Трамп го спроведе планот.
Канада соопшти дека ќе „преземе соодветни мерки“ за да ги заштити своите трговски интереси и работници, ако се наметнат ограничувања на производите од челик и алуминиум.
Трамп во четвртокот рече дека тарифите од 25 отсто за челик и 10 отсто од увозот на алуминиум, ќе бидат во сила подолго време. Тој истакна дека мерката ќе биде потпишана следната недела.
Разговорите за можната трговска војна доведоа до пониски резултати на Вол стрит.
Од Американската меѓународна асоцијација на дилери на автомобили велат дека царинските планови „значително“ ќе ги зголемат цените на автомобилите.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, кажа дека одлуката на претседателот „не треба да биде изненадување за никого“. Таа рече дека Трамп зборувал за тоа „со децении“.
Со плановите на претседателот на САД не се согласуваат сите републикански политичари. Сенаторот Бен Саси од Небраска рече: „Ваква политика е очекувана од левичарска администрација, а не од оваа, што треба да е републиканска“.