„Минимум 1000 лекари ѝ сепотребни на Македонија итно и неодложно, барем до крајот на наредната година“, вели министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за Глас на Америка.
Таравари нагласува дека за надминување на оваа состојба било донесенo и владино решение за вработување на 600 приватни специјализанти. Триста од нив дo крајот на оваа година, и уште триста наредната година.
„Кои се потенцијални кандидати да избегаат од државата. Се надевам дека ќе изнајдеме решение идната година освен 300 специјализанти, да вработиме околу 300-400 доктори, со што ќе имаме некаква одржливост на болниците особено во внатрешноста на државата“, вели Таравари.
Таравари очекува до крајот на годината да се реши статусот и на уште 1200 други здравствени работници, од кои некои и по 10 години години работат со договор на дело. Со тоа вели дека ќе се направи голема работа за здравствениот систем.
На годишно ниво, според лекарската фела си заминуваат околу 250 лекари, но и друг медицински персонал.
„Докторите се незадоволни од нивниот статус во општеството и државата. Незадоволството е пред се од тоа како државата го валорзира нивниот труд. Ниските примања се секако основа за одлив на медицински персонал надвор од државата и секако општите состојби во државата“, објаснува лекарот Никола Бакрачески.
Бакрачески вели дека во изминатите години се случиле и позитивни промени, кога со измените на законската регулатива, се отворила можност лекарите да работат и дополнителна дејност.
„Законот за дополнителна дејност на доктори е една од мерките која можеби во иднина, ако се подобрат некои елементи во здравствената регулатива, би задржала добар дел од докторите“, вели Бакрачески.
На прашањето дали со мерките кои ги најавуваат ќе спречат понатамошен одлив на медицински кадар, Таравари вели дека има уште многу работа.
„Да речам дека 100 отсто ќе спречиме е невозможно. Мора да изнајдеме начин со кој што ќе ги задржиме нашите професионалци, зборувам за здравство. Еден од начините е со премиерот и со синдикатите во здравството разговараме, е да изнајдеме решение кое би било одржливо, и задоволувачки за нив, за да останат во државата поголемиот дел од нив“, посочува Таравари.
„Најмалку осум лекари ни требаат. Проблемот е со лекарите. Немаме доволно, а ги нема ни на список за вработување во Завод за вработување. Некако гледаат на поголеми центри да се вработуваат или во странство да одат“, вели Владимир Бунчески, директор на Општа болница - Струга.
Поради недостигот од лекари, на некои од одделенијата во болниците во внатрешноста им е ставен клуч на врата. Другите, пак, работат со половина од своите капацитети.