Таравари ќе бара Северна Македонија да излезе од „Отворен Балкан“

Таравари вели дека би се заложил и за продлабочување на регионалната соработка меѓу кои и признавање на Косово како независна, суверена и рамноправна држава

Доколку стане претседател, лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари најавува избор на претседател на државата во Собранието со двојно гласање, бришење на 20-те проценти од Уставот, официјализирање на албанскиот јазик на ниво со македонскиот јазик и затворање на медиумите финансирани од Русија

Претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател на коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари ја презентираше Претседателската платформа која се заснова на четири столба - Северна Македонија интегрирана во регионот и Европа, Северна Македонија производител на безбедност, правната држава и консензуалната демократија.

Доколку биде избран за претседател, Таравари најавува избор на претседател на државата во Собранието со двојно гласање, бришење на 20-те проценти од Уставот, официјализирање на албанскиот јазик на исто ниво со македонскиот јазик и затворање на медиумите финансирани од Русија.

Ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година
Арбен Таравари

Интеграцијата во Европската Унија, вели тој, останува неоспорна цел, a ќе се заложи и за продлабочување на регионалната соработка меѓу кои и признавање на Косово како независна, суверена и рамноправна држава.
Тој ги наброја неговите главни цели во оваа област.

„Ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година, мандатот за формирање на влада ќе му го доверам на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието веднаш Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан“, рече Таравари.

За вториот столб, Северна Македонија која произведува безбедност, Таравари изјави дека ЕУ, САД и НАТО се незаменливи сојузници, па затоа Северна Македонија е подготвена да игра улога во одржувањето на мирот и безбедноста.

Руските медиуми и оние кои се финансираат од Русија ќе бидат затворени, внимавајќи постојано на почитување на правото на слободно изразување и информирање

„Северна Македонија е безбедна земја и нема директна надворешна закана. Но, тоа не значи дека Русија не претставува закана. Русија ќе продолжи да поттикнува страв и да создава нестабилност, се додека енергетската ефикасност и ранливост од сајбер нападите остануваат постојана закана за нас“, рече лидерот на Алијанса за Албанците.

Тој се обврзува дека ќе формира Работна група за сајбер безбедност која ќе помогне во спречувањето и гонењето на сајбер криминалите.

Според него, најголемиот непријател е корумпираниот судски систем кој ја држи земјата во заложништво и ги иселува младите. Додава дека само 2 отсто од граѓаните веруваат во правосудниот систем.

„Како следен претседател ветувам дека ќе побарам од Собранието донесување на законодавен пакет за целосна реформа на судскиот систем и обвинителството. Овој пакет треба да го содржи законот за ветинг на судиите и обвинителите, реформа на изборниот систем, унапредување и дисциплинирање на судиите и јавните обвинители и целосна дигитализација на судовите“, вели Таравари.

Во однос на четвртиот столб, Таравари вели дека ќе се погрижи од Уставот да се елиминира навредувачката дефиниција за албанскиот како „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ и албанскиот јазик, според неговото писмо, да биде официјален јазик во целата територија на Републиката на исто ниво со македонскиот јазик.

„Ќе покренам претседателска иницијатива за борба за слобода на медиумите, а особено проруските дезинформации. Руските медиуми и оние кои се финансираат од Русија ќе бидат затворени, внимавајќи постојано на почитување на правото на слободно изразување и информирање“, рече кандидатот за претседател Таравари.