СЗО се соочува со предизвици во битката против мајмунски сипаници

Според истражувачите, вирусот мутира и брзо се шири.

Додека Светската здравствена организација во понеделникот го претстави планот за запирање на преносот на мајмунски сипаници, научниците кои го проучуваат вирусот рекоа дека тој брзо се менува, што ги комплицира напорите за борба против неговото ширење.

Шестмесечниот план од 135 милиони долари бара зајакнување на надзорот, превенцијата и реакцијата. Стратешките напори за вакцинација ќе се фокусираат на поединци со најголем ризик, „вклучувајќи блиски контакти со неодамнешни случаи и здравствени работници, за да се прекинат синџирите на пренос“, се наведува во планот.

Светската здравствена организација „значително го зголемува персоналот“ во погодените земји, се вели во извештајот.

Но, СЗО забележува дека има предизвици во спроведувањето на планот.

„Ограничените капацитети за надзор и дијагностика, особено во Африка, го комплицираат разбирањето на вистинскиот обем на епидемијата и ги попречуваат мерките за ефективни одговор“, се вели во планот.

Иако вирусот мајмунски сипаници е ендемичен во делови од Африка со децении, глобална епидемија беше пријавена во 2022 година. Според СЗО, таа беше ставена под контрола до мај минатата година, но варијанта на вирусот се појави во септември во Демократска Република Конго.

Таа варијанта брзо се шири, а случаи се пријавени во четири соседни земји. Беше откриен и во Шведска и Тајланд, меѓу луѓе со историја на патување во Африка. Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба за јавно здравје во средината на август.

Повеќе од 18.000 случаи, со 615 смртни случаи, се пријавени само во Конго. Источно Конго и соседните земји се наведени во планот како области со „висок ризик“, особено меѓу ранливите популации како што се сексуалните работници и луѓето раселени поради конфликти.

Научниците кои ја проучуваат болеста во Африка, Европа и САД, за новинската агенција Ројтерс изјавија дека новиот вид на вирус, познат како клад 1б, мутира побрзо од очекуваното. Раните случаи беа откриени меѓу сексуалните работници и нивните клиенти во Конго, но погодените групи почнаа да се менуваат. Сега вирусот се наоѓа во домаќинствата, а особено е тежок кај децата, имунокомпромитирани лица и бремени жени, според СЗО.

Д-р Дими Огоина, експерт за заразни болести во Универзитетската болница Нигер Делта во Нигерија, кој претседава со Комитетот за итни случаи на СЗО за мајмунски сипаници, за Ројтерс изјави дека е загрижен дека „во Африка работиме слепо“.

„Ние не ја разбираме нашата епидемија многу добро и ако не ја разбереме нашата епидемија многу добро, ќе имаме потешкотии да го решиме проблемот во однос на динамиката на пренос, сериозноста на болеста, факторите на ризик на болеста“, рече тој.

„И јас се грижам за фактот дека вирусот се чини дека мутира и произведува нови видови“, додаде д-р Огоина.

Вирусот мајмунски сипаници припаѓа на истата фамилија на вируси како и сипаниците, но обично предизвикува поблаги симптоми како треска, малаксаност и болки во телото. Најчесто се шири преку близок контакт кожа на кожа, вклучително и сексуален однос. Луѓето со посериозни случаи може да развијат рани на лицето, рацете, градите и гениталиите.

Во овој извештај се користени материјали од Асошиетед прес и Ројтерс.