Хејли: Во Сирија се прекршува меѓународното право

Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли, денеска се обрати пред Советот за безбедност

Инспекторите од Организацијата за забрана на хемиско оружје пристигнаа во Сирија и треба да собeрат примероци од Дума, локација каде се случи неодамнешниот наводен напад со хемиско оружје за кој беше обвинет сирискиот претседател Башар ал Асад. Примероците потоа ќе бидат испратени на лабораториски испитувања. Сепак, организацијата нема да донесе одлука за тоа кој е одговорен за нападот, туку само ќе одреди дали имало или немало хемиски напад.

Најмалку 40 лица загинаа, а стотици беа повредени во минатонеделниот напад во Дума и во источна Гута, предградие на Дамаск.

Сирија негираше дека било користено хемиско оружје.

Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли, за време на денешната вонредна седница на Советот за безбедност, истакна дека САД предложиле шест резолуции со кои сирискиот претседател би бил озведен пред правдата, а Сирија надвор од хемиското оружје. „На шесте резолуции, Русија стави вето“, истакна Хејли. „Така што, имате челнка која користи хемиско оружје и имате земја - Русија, којашто помогнала да се прикрие употребата на хемиско оружје, а сите ние имаме прекршување на меѓународното право“.

Додека Русија предупреди за можноста за вооружен конфликт со САД заради Сирија, претседателот Доналд Трамп го свика Советот за национална безбедност за да разговара околу американскиот одговор по неодамнешниот наводен напад со хемиско оружје.

„Не е донесена конечна одлука“, рече портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс.

И амбасадорката Хејли денеска потврди дека Трамп се` уште не донел одлука за можна операција во Сирија. „Но, штом САД и нашите сојузници ќе одлучат да преземат акција, ќе биде во одбрана на нашио тпринцип по кој сите се согласуваме. Ќе биде во одбрана на фундаменталната меѓународна норма што би била од корист на сите нации“, истакна таа.

Но, поради шпекулациите дека нападот предводен од САД, заедно со неколку сојузници би можел да биде неизбежен, Трамп претходно јавно ја предупреди Русија дека „проектилите кон Сирија доаѓаат“ за подоцна на Твитер да објави дека „никогаш не можеме да кажеме кога ќе се случи напад врз Сирија“.

Русија ги повика сите страни вклучени во Сирија да се воздржат од акции коишто можат да го дестабилизираат регионот.