Дамаск ја блокира хуманитарната помош на ОН за Сирија

Иако кревко, примирјето останува како можност за „промена на играта“, вели пратеникот на ОН Стефан де Мистура

Три дена стариот договор за прекин на огнот во Сирија, постигнат со посредство на САД и на Русија е под прашање. Москва го обвинува Вашингтон дека не успеал да воспостави контрола врз милитантската војска, а командантите на бунтовниците велат дека се мали изгледите за мир додека претседателот на Сирија Башар ал-Асад продолжува да ја блокира помошта од Обединетите нации до градот Алепо.

Портпаролот на Руската армија ги обвини САД за покривање на дејствијата на бунтовниците кои ги поддржуваат во Сирија.

Стејт департментот на САД исто така изрази сомневање во руската заложба за прекин на огнот, и изјави дека ќе бидат потребни уште време и напор за да се координираат воздушните напади, како и да се воспостави заеднички команден центар.

„Не мислам дека кој било во Владата на САД ја зема здраво за готово руската, или сигурно не заложбата на режимот на Сирија, за исполнување на овој договор“, рече портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер.

Бунтовниците се незадоволни што делови од договорот не биле објавени, ниту од Вашингтон, ниту од Москва.

Специјалниот пратеник на ОН за Сирија Стефан де Мистура вели дека стотици камиони се подготвени да достават хуманитарна помош, но дека Дамаск не им ги дава потребните дозволи за минување.