ОН денес гласаат за прекин на огнот во Сирија

За да помине резолуцијата, потребни се девет гласови „за“, и никој од петте постојани членки на Советот за безбедност да не стави вето

Специјалниот пратеник на Обединетите Нации за Сирија, Стефан де Мистура, денеска повика на итен прекин на огнот во оваа земја, со цел да се запре бомбардирањето на опколената источна Гута и Дамаск.

За време на брифинг во Женева, Де Мистура рече дека страните на договорот од Астана - Русија, Иран и Турција, мора итно да се сретнат за повторно да формираат деескалирачки зони во Сирија.

Коментарите на специјалниот претставник дојдоа неколку часа пред гласањето во Советот за безбедност по резолуцијата со која се бара 30-дневна пауза во борбите во источниот дел на државата, за да се овозможи достава на хуманитарната и медицинската помош.

Во меѓувреме, воени авиони на сириската влада поддржани од Русија, ја погодиле бунтовничката енклава на источна Гута, при што загинале најмалку пет лица, според изјави на опозиционерски активисти и набљудувачи.

Русија се противи на планот и предложи измени и дополнувања на резолуцијата поднесена од Шведска и Кувајт.

Вчера САД жестоко ги критикуваа Русија и Иран во врска со бомбардирањето на источната Гута.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Нуерт, изјави дека кај Русија е „целокупната одговорност“ за смртта на повеќе од 400 луѓе убиени од страна на сирискиот режим во населба во Дамаск.

„Без поддршката на Сирија од Русија, уништувањето и смртта сигурно немаше да се случат“, рече Нуерт.

За да помине резолуцијата, потребни се девет гласови без никој од петте постојани членки на советот, Русија, Кина, САД, Велика Британија или Франција, да стави вето.