Младата оперска пејачка од Охрид Миланка Новеска која неколку години живее и работи во Шведска, се подготвува за настапот ова лето во кралскиот театар Дротингхолм пред шведското кралско семејство, од кое доби стипендија, како млад и надежен оперски пејач. Станува збор за највисоко признание и достигнување, на кое може да се надева еден уметник, вели Миланка.
„Работев во театарот Дротингхолм, кој е кралски театар овде во Стокхолм минатото лето, и тоа ми донесе многу успех. Сега ќе ми ја доделат и нивната стипендија, која се дава на луѓе кои имаат работено во театарот и кои имаат покажано многу голем потенцијал, особено за барокната музика. Исто така ќе имам можност да настапам за нив. Тоа е огромна чест и сум многу среќна што ќе можам да го направам тоа“, изјави за Гласот на Америка оперската пејачка Миланка Новеска Густавсон.
Кариерата на Новеска почнува во родниот Охрид, каде уште како мала се занимава со пеење. Завршува средно музичко училиште во Скопје, а потоа од романското министерство за едукација добива целосна стипендија за изучување на оперско пеење во Националниот универзитет за музика во Букурешт. Овде соработувала со хорот на нивното радио, а четири години работела и во комичната оперска куќа во Букурешт.
„Бев откриена како млад и надежен талент од оперската пејачка Милка Ефтимова. Подоцна бев забележана и од оперскиот пејач Борис Трајанов, кои ме зедоа под нивно крило. Ме научија уште како мала што значи да се биди оперски пејач, колку работи треба да се познаваат. Дека треба да се изучува клавир и да се изучуваат различни јазици, кои потоа ќе ми бидат потребни“.
Минатата пролет, Новеска со Националниот оркестар од Атина, настапила во Крит, како дел од операта „Кармен“ од Жорж Бизе, каде ја играла улогата „Мерцедес“. Член е и на програмата за млади уметници основана во Њујорк.
„Се работи за организација која има база во Њујорк. Работат со млади оперски пејачи, како што сум јас. Препорачувам на сите млади оперски пејачи, да аплицираат и да бараат различни интернационални можности“.
Миланка многу често настапува и со нејзиниот сопруг, кој е Швеѓанец, а кој по професија е виолинист. Од неодамна е и заменик-член на Националниот шведски радио хор, а настапуваше и со Прашкиот конзерваториумски барокен оркестар.
И покрај бројните меѓународни настапи, нејзина желба е да настапува пред македонската публика.
„Во иднина сакам уште повеќе да се специјализирам во тоа што го правам. Никогаш не е доволно да се изучува, да се дознава, да се учат нови улоги. Би сакала многу од срце да имам настапи и во Македонија и се надевам дека за многу скоро време ќе имам таква можност“, рече Новеска Густавсон.
Наредното лето ја очекува настап во Италија. Ќе ја игра улогата на Толомео во операта Јулиј Цезар. Ниту нејзиниот роден град не ја заборави. Таа во 2013 година ја доби Повелбата „Свети Климент Охридски“, што ја доделува Општина Охрид, на истакнати поединци во различни области.