Глас на Америка: Господине Ругенат, Одборот на Групацијата на Светска банка неодамна ја одобри новата Рамка за партнерство за Северна Македонија. Која е суштината на документот? - како би го сумирале за нашата публика?
Јуџин Ругенат: Пред се сакам да кажам дека тоа беше многу горд момент и широка поддршка од Бордот за новата партнерска рамка со Северна Македонија. Тоа значи продолжување на 30-годишната соработка што земјата ја има со Светската банка, која опфаќа 2,8 милијарди американски долари во проекти, и продолжение на истата, што значи и вкупно над 1 милијарда американски долари кредитирање во проекти, но и на знаење, аналитички капацитет што Светска банка може да и го понуди на државата во спроведувањето на своите приоритетни програми. Ова посебно го нагласувам бидејќи е усогласено со програмите на кои тие развија структурни реформи за кои државата се обврза да создаде перспектива за економски раст и стабилност, инвестиции, поголема фискална дисциплина, повеќе фискален простор за инвестиции во инфраструктурата, во образованието, во зголемувањето на конкурентноста на малите и средни претпријатија, но и инклузија, инвестирање во образованието на жените и младите. Можеме да го вратиме трендот на миграција надвор од земјата, знаењето и експертизата во државата, за да го поттикнеме развој. Тоа е вложување во креативна, позитивна перспектива за државата.
Глас на Америка: Еден елемент на Рамката за партнерство е фокусирање на важноста од развивање на Извештајот за климатски промени при развојот на земјата. Зошто е тоа толку клучно за Северна Македонија?
Јуџин Ругенат: Главно е да се спомене дека овој извештај ќе биде реализиран кон средината 2024 година и тој е усогласен со програмите за отпорност на климата во Северна Македонија. Знаеме дека Северна Македонија е подложна на екстремни горештини или суша, на пример, што влијае и на земјоделството. Значи, ја зајакнува економијата за да изгради отпорност на климатските промени. Наша универзална одговорност е да го намалиме загадувањето и тоа да е засновано на аналитички докази и научна анализа. Тоа и овозможува на државата да преземе чекори за подобрување на отпорноста и позелена иднина, како и за декарбонизација и зависноста од фосилни горива.
Глас на Америка: Одборот на Групацијата на Светска Банка одобри директна буџетска поддршка, а ММФ го објави првиот преглед на Линијата за ликвидност и претпазливост. Како би го поврзале тоа со макроекономската клима на земјата?
Јуџин Ругенат: Тоа е потврда, од една страна, дека Северна Македонија е на пат кон структурни реформи, не само економски или за подобрување на конкурентноста на пазарот, туку и во зајакнувањето на владата, јавните финансии, создавање фискален простор за инвестиции во инфраструктурата на државата во човечки капитал. Но, охрабрен сум од излагањето на министерот за финансии, кој е дел од влада што планира економска стабилност преку фискална дисциплина. За нас тоа е уверување дека Северна Македонија е на вистинскиот пат.
Глас на Америка: На крајот од интервјуто, ваш коментар за очекувањата, исходите за Северна Македонија поврзани со новиот циклус на програмата.
Јуџин Ругенат: Веќе го спомнав усогласувањето со програмите и инвестициите на Европската Унија и додавање на знаење и капацитет за спроведување на важните реформи. Но, што значи ова за народот? Тоа значи перспективи, значи работни места, значи поголема отпорност на пример на надворешни потреси. Тоа значи добивка на мозоци наместо одлив на мозоци. Значи подобрување на квалитетот на животот на луѓето. Како институција не радува што можеме да придонесеме за иднината на Северна Македонија, и посебно за иднината на младите и жените и идните генерации на Северна Македонија. Се надеваме дека Светска банка и ќе продолжи да помага уште многу години, остварувајќи ги целите поставени од народот на Северна Македонија.