Демократите ќе го бојкотираат денешното гласање за потврда на Барет за судијка на Врхвниот суд

Претседавачот со Комисијата за правосудство Линдзи Грем рече дека таа заслужува да добие гласови, независно дали се за или против

Демократите од Сенатската комисија за правосудство планираат да го бојкотираат денешното гласање за потврда на номинираната судијка за Врховниот суд на САД Ејми Кони Барет.

Републиканците, кои имаат мнозинство во Комисијата, се очекува да ја одобрат номинацијата, по што следи гласање за нејзина потврда од целиот Сенат.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот Чак Шумер го повтори ставот дека е против номинирање судија толку близу до изборниот ден, велејќи дека таква одлука треба да биде оставена на тој што ќе победи на изборите на трети ноември.

Тој нагласи дека конгресниот процес за потврда на Барет е „најизбрзан, најпартиски и најнелегитимен во историјата на номинации за Врховниот суд“.

Претседавачот со Комисијата за правосудство Линдзи Грем, пак, рече дека бојкотот на денешното гласање ѝ прави противуслуга на судијката Барет, која заслужува да добие гласови, за или против.

Со мнозинство на републиканците во Сенатот, 53 наспроти 47 гласови на демократите, Грем изрази оптимизам за потврда на номинацијата на Барет.

„Судијката Барет заслужува да биде во Врховниот суд и ќе биде потврдена“, рече тој.

12 републиканци во Комисијата укажаа дека ќе ја поддржат Барет, а лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел планира да закаже процедурално гласање во Сенатот в недела што, пак, би можело да доведе до крајно гласање за нејзината номинација в понеделник.

Ако Барет биде потврдена, Врховниот суд ќе има конзервативно мнозинство со шест наспроти три гласа.